Цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, ќе се намалат за минимум 10 отсто од наредната среда, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој се сретна со претставници на осум синџири на маркети што се одржа во Министерството за економија на која присуствуваа директорот на Државен пазарен инспекторат Горан Трајковски и претставници на Стопанската комора.
-Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Тоа како општествено одговорни претпријатија го прифатија и синџирите на супермаркети што значи дека ќе бие усвоена одлуката на Министерството за економија на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети, изјави Бектеши по средбата и додаде дека очекува нивниот пример да го следат и увозниците и производителите на прехранбени производи.
Тој најави дека Министерството во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите на ДПИ за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки. Од среда, посочи, ДПИ со зголемен капацитет ќе биде на терен.
-До крајот на наредната недела ќе го имаме и новото законско решение за нефер трговски практики со кое ќе се укинат над 20 отсто од одредени давачки во синџирот на трговија, почнувајќи од производство, па се до малопродажба што дополнително ќе влијае на намалување на цените. Со законското решение ќе се утврди начинот како треба да се направи договорот меѓу синџирот на супермаркети и нивните добавувачи или, пак, синџирот на супермаркети и производителите од државата, потенцира Бектеши.
Најави дека Министерството ги следи движењата на цените и во другите сектори и истакна дека фазно ќе оди со намалување на цените и во другите сектори ако има нарушување во делот на утврдување на цените. Додаде дека прехранбената индустрија е во првата фаза бидејќи се забележува нелогично зголемување на цените на прехранбените производи.
На маркетите, како што кажа, ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот. Во спротивно доколку спроведуваат акциски продажби до 30 ноември ќе им следат санкции.