Од утре, 15-ти октомври, започнува грејната сезона 2020/2021 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ, соопшти оваа комапнија. Топлинската енергија ќе им се испорачува се до 15 април следната година.
Испораката на топлинска енергија се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Македонија.
-Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува, објаснуваат од БЕГ.
Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено, потребно е потрошувачите кој кои има дефекти на внатрешната грејна инсталација, да ги отстранат во најкус можен рок и истото да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.