Одбојкарите го преболеа поразот против Холандија, фокусот е на триумф со Чешка за да се избегне Италија во осминафинале

Македонската машка одбојкарска репрезентација го претрпе вториот пораз на Европското првенство, откако попладнево загуби од фаворизираната Холандија со 3-0 (25-19,25-19, 25-16) во својот четврти натпревар во групата Ц која се игра во Скопје.

Македонските одбојкари влегоа во дуелот против силната Холандија хендикепирани без капитенот Никола Ѓоргиев, кој непосредно пред денешниот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ се пожали на болки во грбот и не можеше да им помогне на своите соиграчи.

Во македонскиот табор одлучија да не се ризикува со повредата и предводникот на македонскиот состав да биде оспособен за вечерашниот клучен натпревар против Чешка во битка за третото место во групата Ц, од која четирите првопласирани репрезентации во Бари ќе вкрстат во осминафиналето со селекциите од групата А. Со ефект од две победи и исто толку порази, македонските одбојкари се третопласирани во групата со ист број бодови како и Чешка на четвртото место.

Селекторот Јошко Миленковски по натпреварот со Холандија рече дека кажа дека повредата на капитенот Никола Ѓорѓиев го разнишала тимот и дека недостасувале неговите поени на дуелот со „лалињата“.

-Штета што немавме време малку да ја вежбаме оваа формација, но повредата на Никола дојде изненадувачки. Самодовербата ни беше разнишана, ненадоместиво е вакво неиграње. Не сакам да го форсираме Никола, ако не може – нема да игра и со Чешка. Треба да го сочуваме за натпреварот во Бари. Околу нокаут-фазата, Италија или Србија нема голема разлика во елиминационата фаза. Италијанската репрезентација пред 10.000 гледачи е голем предизвик. Ако играме со европскиот и светскиот првак задоволство ќе биде да се игра. И против Србија е слично, тие се поранешни шампиони и имаат неспорен квалитет. Да им се извиниме на гледачите, но играме против најдобрите селекции во светот и Полска и Холандија не се исто како Данска и Црна Гора. Најдобра варијанта е Никола Ѓорѓиев да е здрав и да игра. Неговите поени не се малку, тоа е како да фали Кире Лазаров на нашата репрезентација во ракомет, изјави Јошко Миленковски.

Репрезентативецот Манџуков рече дека сега е во фокусот натпреварот со Чешка.

-Желбата е да дојдеме до триумф како би завршиле трети во групата што би било навистина одличен успех. Ние задачата со пласманот во осминафиналето си ја исполнивме на ова Европско првенство, а сега се понатака ќе биде плус. Со триумф над Чешка би ја избегнале моќната Италија во осминафиналето, но секако многу што ќе зависи и од тоа дали утре ќе го имаме на располагање и капитенот Никола Ѓоргиев, рече тој.

Претходна вестОнколошки пациенти протестираа пред Обвинителството: Сакаме имиња на оние кои биле инволвирани во валканиот бизнис
Следна вестСо европско знаменце до поблаги казни за службените лица