Одложена средбата на Комисијата за историски прашања со Бугарија, која беше закажана за денеска. Причина за откажувањето е промената на составот на македонскиот дел од комисијата. Првата средба на комисијата во нов состав, според информациите, се очекува во наредните една до две недели.
На владина седница пред една недела беше сменет составот на Комисијата, а историчарот Ванчо Ѓорѓиев е назначен за нејзин претседател. Тој, и претходно беше член на Комисијата, но пред речиси три години поднесе оставка обвинувајќи за притисоци и за директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски пред два дена изјави дека очекува разговорите во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања да продолжат „објективно и во духот на пријателството и добрососедството“.
Тој пред медиумите пред учеството на деловниот појадок со Македонско-германското стопанско здружение истакна дека „тоа се процеси кои траат со децении, такви примери има во Европа“.
-Секое избрзано решение предизвикува други избрзани одлуки, а тие можат да бидат погреши. Очекувам дека во еден добрососедски дух, членовите на Комисијата да разговараат, кажа премиерот.