Косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека неговата влада нема да се меша во одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на динарот, но дека одлуката нема да биде поништена. Курти за британскиот медиум „Блумберг“ изјави дека се залага за новата регулатива на Централната банка на Косово за постапување со готовина, пренесува Бета.
Тој додаде дека Србите ќе имаат време да се прилагодат на новата одлука. – Не можам да ја поништам оваа одлука. Нема да имаме какви било казнени мерки, не сакаме никого да казниме, рече тој.
Зборувајќи за Бриселскиот договор и Охридскиот анекс, Курти рече дека е потребен договор со Србија што е можно поскоро и дека сегашните тензии немаше да постојат доколку има де факто и де јуре признавање од Србија.
Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, во програмата на Слободно Српски рече дека Регулативата на ЦБК за готовинско работење, од 27 декември 2023 година, која предизвика загриженост кај косовските граѓани кои примаат приходи во динари, е донесена за да се обезбеди интегритет и подобрување на финансискиот систем на Косово.
– Уредбата првично се однесуваше на прашањето за интегритетот на финансискиот систем на земјата, регулираше дека увозот и извозот на пари, готовина во Косово, се врши само преку Централната банка, бидејќи, во согласност со законот, таа е единствената што е овластена да ја снабдува економијата, или ако го вршат други финансиски институции, да побараат дозвола од Централната банка, така што, на овој начин ќе знаеме колку пари доаѓаат и од која локална или меѓународна банка, а и колку пари излегуваат, појасни Исмаили.