Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V, не е пречка потоа да се донесе и посебен закон за Водно, информира вчера Министерството за заштита на животна средина. Со Одлуката, познато е, Водно треба да се третира како заштитен предел а таа ќе се надополни и со обврските и мерките согласно прописите за заштита од ерозија.
-Укажуваме дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно од Градот Скопје или друга заинтересирана страна, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената Одлука согласно Законот за заштита на природата, соопштува министерството.
Од Влада ќе се побара да ги задолжи надлежните органи и единиците на локална самоуправа доследно да ги исполнат барањата од останатите релевантни прописи за да се обезбеди заштитата на сите ерозивни подрачја во државата.
Активисти и експерти за заштита на природна средина во текот на јавната расправа побараа итно стопирање на Нацрт-одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје според Законот за заштита на природата. Бараа е донесување на лекс специјалис, посебен закон на Водно, исто така изработка на просторен план за Водно и посебен план за управување што ќе овозможи сестран степен на заштита и зачувување на неговата важност. Граѓанските иницијативи „Го сакам Водно“ и „02 Иницијатива“ за денеска најавија и прес-конференција во Градскиот парк во Скопје.