Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе учествува на изборите за членови на Европскиот парламент преку својот огранок во Германија, Демократската алијанса за различност и будење (Дава), тврди „Билд“. Според весникот, листата на Дава ќе има четири кандидати, кои во изминатиов период активно агитирале во кампањите на АКП или работеле во организации што ја поддржувале оваа турска партија.
Инаку, „Дава“ на турски јазик значи „случај“, додека во арапскиот јазик има значење на „повик“ или „покана“ за приклучување кон Исламот.
Најавата за учеството на „огранокот на АКП“ на Европските избори, предизвика реакции меѓу германските партии, кои оценија дека ваквиот чекор придонесува за „дополнително влошување на политичката клима“ во Германија, како и дека евентуалниот влез на „Дава“ во Европарламентот „ќе го зголеми турското влијание во ЕУ“.
Според германскиот министер за храна и земјоделство и поранешен копретседател на партијата Алијанса 90/Зелени, Џем Оздемир на Германија не и е потребна учество на Дава на изборите.
– Последното нешто што ни треба е огранокот на Ердоган да учествува на избори тука, објави Оздемир на Икс, кој и самиот има турско потекло.
Најголемата опозициска партија во Германија, Христијанско демократската унија (ЦДУ), исто така, не ја поддржа ваквата најава.
Според податоците на германската Федерална статистичка служба (СТБА), околу 1,3 милиони државјани на Германија имаат турско потекло, што претставува околу 1,6 отсто од вкупното население во земјата. Доколку Дава успее да привлече поголем дел од гласовите на „турските Германци“, тогаш речиси сигурно ќе обезбеди пратенички мандат во Европскиот парламент.