Охрид е еден од најубавите градови на Балканот. Но, ќе биде ли така и понатаму, ќе го задржи ли „балканскиот Ерусалим“ својот сјај? Ова го прашуваат сите добронамерници, кои воедно и поменуваат дека мора да се заштити градот од луѓе кои прават се што ќе им текне па ја растураат и природата и вековните оставштини од претходните генерации. И УНЕСКО со години опоменува дека работите се тргнати во погрешен правец.
Ама локалната и централната власт млако реагираа на разните доградби, надградби, рушења, дивоградби, менување на ликот на главните улици и чаршијата… во прекрасното централно јадро на Охрид. Едноставно, градот го губи својот автентичен лик поради кој е магнет за многу туристи од целиот свет, а властите си ја префрлаа одговорноста или немо гледаа како насилници прават што сакаат.
Е, сега пред крај на мандатот, Министерството за култура, предлага законски измени со кои старото градско јадро во Охрид ќе добие високо ниво на заштита и голем број правила за градба.
Добро е што се сетија. Добро е што се ограничува градење на разни балкони, базени, билборди, вградување бекатон плочки… па дури и точно се предвидува како да биде бојадисано, какви керамиди..
На хартија сето тоа соодветно и фино делува. Но, како ќе се спроведува сето тоа кога ќе се изгласа?
Па и до сега имаше регулативи за заштита на Охрид, можеби не детални како овие новопредложените, ама можеше и по постојните одредби многу работи да се спасат во градот. Се правеше тоа?
А што и со одржувањето и чистењето на постојното во градот?
Властите се мајстори за пишување регулативи, ама за нивно спроведување…
Охрид истрпел многу низ вековите, ќе ги истрпи ли и овие (не)времиња?