Охрабрувачко: Во Атина ќе се одбележи датумот кога пред 20 години ни ветија датум за ЕУ

Македонија е блиску или далеку од влез во ЕУ? Ова прашање трае со години и добива различен одговор во зависност од тоа кој го одговара.

На пример ако по дилемата се изјаснуваат во Брисел, одговорот е: „ЕУ многу сака Македонија да стане дел од Унијата“.

Така се зборува и за целиот т.н. Западен Балкан. Слаткоречиво се праќа пораката од ЕУ дека не не заборава.

Некогаш, не само што тоа се кажува туку и со некакви самити, округли маси, работни вечери… се покажува истото. Најново такво нешто е од денеска кога премиерот Димитар Ковачевски во Атина ќе учествува на неформална вечера на лидери од Западен Балкан и лидери од ЕУ земји-членки од регионот, чиј домаќин ќе биде грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

-Неформалната вечера се одржува по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“, известуваат од Владата.

Значи, ќе се одбележува датумот на кој ни рекоа дека ќе добиеме датум за датумот кога ќе сме ја допреле кваката од портата на ЕУ. Тоа беше пред 20 години, јубилејна година – вредна за нов собир, фотографии, изјави…

Убаво. Охрабрувачко.

Од она што е соопштено се дознава дека Премиерот Ковачевски во Атина е придружуван од заменик-претседателот на Владата Бојан Маричиќ. На неформалната вечера ќе можело лидерите да разговараат за проширувањето и европската иднина на регионот на 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ од Самитот ЕУ-Западен Балкан, со која најконкретно беа отворени перспективите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

На неформалната вечера ќе учествуваат претседателите на Европскиот Совет Шарл Мишел и на Европската Комисија Урсула Вон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан – српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето – на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон-Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков.

Претходна вестСкопјанец пукал со пиштол на Попова Шапка
Следна вестПовеќе од 6.000 луѓе починаа поради високите температури, умираат претежно стари и сиромашни