Охридскиот регион (на македонската и албанската страна) е меѓу областите кои Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите Нации (УНЕСКО) препорачува да бидат отстранети од Листата на светско наследство, поради опасност од „прекумерен развој“ на урбанизмот.
Освен нашиот „бисер“, другата локација е крајбрежјето на Ливерпул.
За двата региона се предлага да бидат ставени на Листата на светско наследство во опасност, заедно со Долината Катманду во Непал, Големиот Корален Гребен на Австралија, Венеција и Будимпешта.
Препораките, УНЕСКО ги објави пред состанокот на Комитетот за светско наследство, во кој членуваат 21 земја, којшто треба да даде конечен одговор. Средбата ќе се одржи во Фужоу, Кина, од 16 до 31 јули.
Во предлог-препораките на Центарот за светско наследство на УНЕСКО до Комитетот, за Охридскиот регион се вели дека во текот на изминатите шест години, некои од препораките од повеќето мониторинг-мисии се целосно спроведени, неколку се само делумно или недоволно спроведени, а голем број од нив воопшто не се земени предвид.
Така, една од препораките е да се донесе одлука овој регион да се стави на листата на светско наследство во опасност.
-Во однос на (Северна) Македонија, немаше доволно активности за запирање на бавната ерозија на атрибутите од Исклучителна универзална вредност (ОУВ) во урбаната средина и поширокиот пејзаж што произлегува од несоодветната конзервација, реконструкција и развој, ниту пак, да се разгледаат алтернативните планови за големите проекти во врска со изградба на пруги и патишта, се вели во препораката на Центарот кој има улога на секретаријат.
Сериозна загриженост за Центарот се и заклучоците од мисијата во 2020 година, која забележа високи згради близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената објекти (особено во Охрид, Струга и Поградец (тампон-зона), но исто така и покрај крајбрежјето надвор од урбаните центри) и несоодветната и прекумерна употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, кои се смета дека имаат многу негативно влијание врз Исклучителната универзална вредност на областа.
Од Македонија и Албанија се бара, до Центарот за светско наследство, до 1 февруари 2022 година, да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на зачувување на имотот, вклучувајќи извештај за напредокот постигнат во спроведувањето на споменатите препораки, кои Комитетот за светско наследство ќе го разгледа на 45-та седница која ќе се одржи во 2022 година.