Основното јавно обвинителство ја побара од Министерството за здравство целокупната документација за градбата на модуларната болница во Тетово која на 8 септември целосно изгоре во пожар при што загинаа 14 лица.
Истражители од Основното јавно обвинителство во Тетово ќе ја подигнат документација која ќе биде предмет на разгледување и анализа.
Исто така, петтемина обвинители побарале од Основно јавно обвинителство во Велес да ја одземе целокупната документација за градбата од фирма од Велес.
Од болницата во Тетово пак се побарани податоци дали има изготвено Елаборат за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, како и да се достави Планот за електрична инсталација на модуларната болница.
Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, да се достави Планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.
Од ЕВН Македонија- КЕЦ-Тетово побаран е елаборат за снабдување со електрична енергија, односно Планот за целокупната електрична инсталација за модуларната болница.
До Градежен институт „Македонија“ е доставено барање за градежно вештачење, за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал од самото место на настанот – под, таван, ѕидови, прозори, врати, изолација и слично од модуларната болница, со цел да се испита и да се образложи од каков материјал се изработени, каков материјал е вграден во модуларната болница во Тетово и да се преземат и други потребни дејствија, кои се во насока на утврдување на составот на градежните материјали.
Основното јавно обвинителство во Тетово во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема дејствија и активности со цел да се утврди дали и какви мерки на противпожарна заштита се применети во Модуларната болница во Тетово од пуштањето во употреба до денот на настанување на пожарот.
Побарани се и сите протоколи за начинот на работа, како на модуларната болница, така и на Клиничката болница во Тетово.
Претходно, како што денеска соопшти ОЈО, од инспекторите за компјутерски криминал на СВР-Тетово се бара да ги обезбедат снимките објавени на социјалните мрежи, особено оние со пожарот, да се достават службени белешки или евентуално записници за извршените разговори на тој ден, обезбедување листа на членови на семејствата, како и на починатите лица, како и од пациентите болни од ковид-19 кои биле евакуирани.
По прибирање на потребните податоци, лицата ќе се сослушаат во Основно јавно обвинителство во Тетово и ќе биде подготвен посебен извештај во врска со полициските службеници кои први дошле на самото место – дали презеле некои дејствија како кршење на прозори, врати или ѕидови или во внатрешните простории, дали некое полициско лице било присутно на самото место, за начинот на кој е известено во СВР-Тетово за настанатиот пожар, како и од кого биле известени.
ОЈО бара и податоци за лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор при градбата, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за модуларните болници изградени во државата.
Истовремено, обвинителството продолжува да сослушува сведоци и лица кои даваат потребни известувања, по однос на трагичниот настан.
Ден по пожарот, Министерството за здравство соопшти дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени после технички прием.
Од компанијата „Брако“, која е изведувач на модуларните ковид-центри во земјава, реагираа на, како што посочуваат, одредени шпекулации што се појавија во дел од јавноста, откако изгоре во целост објектот во Тетово.