ОЈО Скопје поднесе обвинение против групата што шверцувала луксузни автомобили

Откако пред нецела една недела полицијата ја спроведе акцијата за сузбивање група што се занимавала со шверц на луксузни автомобили, од републичкото Јавното обвинителство утрово соопштија дека е завршена постапката за обезбедување докази и е поднесено обвинение против вкупно 10 лица.

Предметот го води Основното јавно обвинителство Скопје, а осомничените, како што се наведува, освен за шверц на луксузни возила, се товарат и за фалсификување службени и други исправи.

Акцијата за сузбивање на групата беше спроведена на 29 декември лани во Скопје, Битола, Неготино, Дојран и во Гевгелија, по што Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 13 лица.

Како што и претходно информираа од Јавното обвинителство, во случајот се осомничени 11 лица, но прогонот против едно од нив, кое е државјанин на Република Грција, ќе им биде отстапено на тамошните органи.

Во врска со другите две лица, кои беа опфатени во кривичната пријава на МВР, од Обвинителството претходно соопштија дека пријавите против нив ќе бидат отфрлени бидејќи тие се опфатени во постапка што ОЈО Скопје ја водело претходно.

Во описот на случајот од ОЈО се вели дека осомничените во текот на 2021 и 2022 година со лажни документи и преправени броеви на шасија внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.

Возилата, додаваат од Обвинителството, тука ги регистрирале и дел од нив по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат шверцувањето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.

Меѓу осомничените има и службени лица за кои од ОЈО велат дека се вработени во управни служби за регистрација на возилата.

-Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се шверцувани, велат од Јавното обвинителство.

Заедно со поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за четворица од обвинетите.

По едно лице сè уште се трага со веќе распишана меѓународна потерница поради неговата инволвираност во друг сличен предмет за шверц на луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје, додека за еден обвинет во сила се мерки за претпазливост.

Претходна вестПолицијата сè уште трага по возачот на автомобилот што вчера падна во Вардар
Следна вестСпречено апсењето на претседателот на Јужна Кореја