Околу 30 пациенти месечно ќе добиваат роботска рехабилитација на апаратот „Локомат“ кој е реткост во регионот

Современа физикална роботска терапија и рехабилитација ќе добиваат по околу 30 пациенти месечно по набавката на современот апарат „Локомат“ на скопската Универзитетската клиника за физикална медицина. Се работи за нов апарат кој чини 950.000 евра, набавен со пари од Министерството за здравство, а кој е реткост и во земјите во регионот.

Лекарскиот колегиум од Клиниката ќе проценат кои пациенти ќе треба да ја користат оваа процедура. Во земјите од регионот каде што го има еднодневна терапија на ваков „Локомат“ чини од 120 до 170 евра за еден ден. Но, согласно последните преговори со Фондот за здравство оваа процедура ќе биде ставена на товар на ФЗОМ (ќе се вметне посебен пакет за оваа услуга) и практично пациентите ќе треба да платат само партиципација.

Апаратот ги насочува нозете на пациентот врз основа на физиолошкиот модел на одење и нуди можност за делумна поддршка на тежината. Тоа го олеснува движењето на пациентите со различни патолошки состојби. Невролошките заболувања, повредите на мозокот, мозочните удари или трауми, повредите на ѝрбетниот мозок и церебралната парализа, сите може да бидат причинители за потешкотии со чекорењето.

Министерот за здравство доктор Фатмир Меџити денеска изјави дека ова ќе им помогне на многу пациоенти.

-Само еден ваков апарат има во Србија, во приватна институција. Го нема ни во Албанија ни во Косово. Од регионот го има само во Грција и во Бугарија. Роботската терапија на голем број од нашите пациенти ќе им овозможи побрза и подобра рехабилитација, особено за подобрување на функционалноста и одот кај пациентите, рече Меџити.

Заменичката министерка за здравство, Маја Манолева рече дека се работи за најмодерен апарат во Европа.

-За управување на новиот апарат спроведена е специјална стручна обука со инструктор од Швајцарија со 6 физиотерапевти од оваа клиника, истакна Манолева.

Претходна вестУставен суд со времена одлука: Нема впишување на националност во изводите до конечна одлука
Следна вестОсумнаесетгодишна Пакистанка убиена во Италија од нејзините родители и вујко, одбила да се омажи за роднина