Околу 200.000 активни возачки дозволи се се уште со старото уставно име, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција.
Познато е, возачките дозволи со старото име на државата „Република Македонија“, нема да важат после 31.12.2024 година, а МВР во изминатиот период активно апелираше истите да се заменат со нови, односно називот кој ќе стои на нив да биде „Република Северна Македонија“.
Со оглед на тоа дека до крајотна годината остануваат околу триесетина работни денови ова значи дека, во просек, по околу 6.600 граѓани дневно треба да ги менуваат дозволите за да не бидат казнети по Нова година.
Според Тошковски, МВР во изминатиот период ги обезбеди потребни услови за да им овозможи на граѓаните достоинствен пристап до институцијата и да им ги овозможи потребните образци.
Министерот се пофали и со новата машина која што ќе произведува возачки дозволи и лични карти. Тврди дека сега на дневна основа може да се произведуваат околу 12.000 возачки дозволи. Тошковски вели дека во МВР се спремни за помалку од 20 дена да ги издадат сите возачки дозволи доколку граѓаните поднесат барање. Истакнува дека му е драго што нема повеќе гужви пред шалтерите на МВР, во споредба со претходниот период во време на техничката влада.
-Гледам некои портали упорано ме напаѓаат затоа што сум повикал луѓето да извадат возачки со новото уставно име. Јас не сум лажго, ниту магионичар за да направам нешто поинаку надвор од важечки Устав и важечки закони. Секогаш ќе има искрен пристап. Колку и да не ми е драго, ги повикувам граѓаните да постапат согласно закон оти само така можеме да одиме напред, кажа министерот.
Прекршочен платен налог и парична казна во износ од 100 евра ќе добие возачот кој при барање на полициски службеник, нема да приложи важечка возачка дозвола, предвидува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.