Оние кои трошат над илјада киловатчасови по Нова година можно е да плаќаат драстично повеќе

Владата планира да го прошири тарифниот блок три за корисниците на електрична енергија со што дел од домаќинствата кои трошат нешто под 1000 киловатчасови електрична енергија ќе имаат повисоки сметки за струја. Ова доаѓа како одговор на Владата на забелешката на ММФ дека земјава многу пари троши на субвенционирање на електричната енергија.

Ова го потврди вчера и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Ќе го прошириме тарифниот блок три, најверојатно и тарифниот блок четири со што опфатот да биде поголем, за тие што трошат повеќе. А за најранлиците категории на граѓани, за луѓето кои што штедат вистински електрична енергија да останат ист тарифен модел и цената на електричната енергија или евентуалната промена на цената да не падне на товар на тие што се во првиот или вториот блок, објасни Битиќи.

Во тарифниот блок 3 спаѓаат потрошувачите кои трошат од 631 до 1.050 киловатчасови струја, а во тарифниот блок 4 сите кои трошат повеќе од 1.050 KWh. Не е познато како  ќе изгледаат границите на тарифниот блок 3 и дали во него ќе влезат домаќинствата кои трошат под 631 киловат струја месечно.

Регулатроната комисија за енергетика допрва ќе треба да прави пресметки како би требало да изгледа новиот распоред на потрошувачката на струја и која распон би требало да го имаат блокот 3 и 4.

Минатата година субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи беше до 80 проценти, а тоа според Битиќи, е  неиздржливо за една мала земја како нашата. Годинава субвенционирањето е намалено на некаде 60 отсто.

Претходна вестСтружанец нападнат од тројца таксисти на аеродром
Следна вестПросечната нето плата во септември 37.876 денари