До денеска напладне, вакцинирани се 2.680 здравствени работници, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата се одвива само во модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје, со вакцините „Фајзер“ кои државава го доби од Србија, кои се единствените што ги имаме досега, а за кои министерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека се доволни за вакцинирање на здравствените работници кои пројавиле интерес за вакцинација.
Вакцинацијата започна со оние кои работат во ковид-центрите, прво од Скопје, а сега и од другите градови, па ќе продолжи со вработените во лабораториите кои испитуваат вакви примероци, матичните лекари и некои стоматолози.
Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ за вакцинација досега се пријавиле 71.900 граѓани, а 46.414 преку матичен лекар или вкупно 118 314 граѓани, од кои 56.784 граѓани се на возраст над 70 години.
Тие ќе ги чекаат следните вакцини кои ќе пристигнат во земјава, а чие доаѓање е неизвесно. Деновиве во фокусот на вниманието на јавноста е вратениот аванс за набавка на 200.000 дози вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ за кои власта нема логично објаснување.
Премиерот Зоран Заев рече дека во меѓувреме е отворена и втора постапка за набавка на уште 200.000 вакцини од истиот производител, како и постапката за набавка на 100.000 вакцини „Спутник“, но без детали.
Земјава го очекува и контингентот што треба да го добиеме преку Ковакс механизмот и оние вакцини кои се договорени директно со „Фајзер“, но сето ова е сега само на изјави, додека во пракса, земјава, една година од почетокот на пандемијата е сведени на нешто повеќе од 8.000 вакцини кои ни ги донира Србија.