До македонското Собрание ќе биде доставена иницијатива споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето да биде поставен во Горно Лисиче. Ваква одлука е донесена од страна на мнозинскиот дел од советниците во скопската општина Аеродром. Иницијативата на советниците на Левица беше поддржана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и сега треба да се чека на согласност од пратениците за поставувањето на споменикот во паркот во Горно Лисиче.
-Андон Лазов Јанев Ќосето бил човек на Гоце Делчев, дел од левото крило на организацијата, рекоа советниците на Левица на вчерашната седница на Советот во Општина Аеродром.
Иницијативата не ја поддржаа советниците на СДСМ кои рекоа дека Левица и со ова покажува дека е слуга на ВМРО-ДПМНЕ. Левица возврати.
-Вие сакате да го продадете Гоце Делчев на Бугарите. Вие имате ирационален страв, мислите тој споменик ќе оживее, им се обрати советникот на Левица, Горан Костовски, на советниците од СДСМ.
Милутин Ристески од СДСМ рече дека е разочаран што Левица се претставува како левичарска партија.
-Ќосето беше симбол на 11 годишен режим и испраќаше јасна порака со неговото ставање пред палатата на правдата, дека секој што ќе му се спротивстави на режимот на Груевски преку споменикот на Ќосето нека знае што го очекува, рече Ристески.
Советникот од ВМРО-НП пак ги покани советниците подносители на иницијативата на дебата кај Љупчо Георгиевски да им ги објасни историските дилеми.
Иницијативата беше изгласана со 22 гласа „за“ и шест гласа „против“.
Споменикот беше отстранет во 2018 година, а тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, образложи дека тој е дивоградба.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска пред неколку дена испрати барање до Општина Центар за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето во тревникот пред комплексот судови во Скопје.
Општина Центар, пак, експресно го одби барањето со образложение дека нема надлежност во поставување на споменици и ја упати Арсовска да се обрати до Собранието.
Во образложението на Општината се додава дека согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување споменици се кај Собранието, додека општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.