Општина Гази Баба објави јавнен повик за субвенционирање на граѓаните кои живеат на територијата на оваа општина за вградување на уреди за течен гас, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата за 2023 година.
-Преку субвенции, Општина Гази Баба на граѓаните ќе им врати до 50 отсто од трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, но не повеќе од 18.000 денари без вклучен персонален данок на доход по возило. Персоналниот данок на доход е на товар на Општина Гази Баба , информира градоначалникот Бобан Стефковски.
Овој вид на субвенции, Општината ги воведе минатата година во насока на стимулирање на граѓаните за вградување на уреди за течен нафтен гас и други алтернативни горива во возилата, а со цел намалување на загадувањето на воздухот од возилата.
Јавниот повик ќе трае до 30.11.2023 година, односно сѐ до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2023 година. За сите потребни документи и начин на аплицирање граѓаните можат да се информираат на веб страницата на Општина Гази Баба, каде што е објавен огласот.