Општина Ѓорче Петров предлага пет улици да се именуваат по бранителите загинати кај Љуботенски бачила

Општина Ѓорче Петров му предложи и на Советот на Град Скопје пет улици во општината да ги добијат имињата на бранителите од Ѓорче Петров кои загинаа кај Љуботенски бачила во конфликтот во 2001 година. Ова преку својот фејсбук профил го соопшти градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

– Во спомен на бранителите од Ѓорче Петров кои загинаа кај Љуботенски Бачила во конфликтот во 2001 година, денеска на три споменици подигнати во нивна чест, оддадовме почит на нивната пожртвуваност со сопствениот живот за денеска да живееме во мир. На централната манифестација на споменикот во Волково присуствуваа бројни високи делегации и членови на семејствата. Ги посетивме и спомен-чешмата во име на Томислав Настевски во Ѓорче Петров, како и споменикот на бранителите во нашиот реонски парк.

Општина Ѓорче Петров му предложи и на Советот на Град Скопје пет улици во општината да бидат именувани со имињата на овие македонски херои, во најголем дел улиците на кои се наоѓаат нивните семејни куќи.

Ова е само дел од нашите заложби во нивна чест. Жалам и секогаш ќе жалам. Сите заедно изгубивме едно брдо херојство. Тажно за нашата Македонија.

Вечна слава на Ивица Златевски, Раде Јанковски, Томе Димоски, Томислав Настевски, Ацо Ангеловски, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев и Марјанчо Бошковски и на сите македонски бранители кои одлучно застанаа во одбрана на својата земја и го положија животот за Република Македонија.

Тоа е љубов кон татковината за почит. Поклон до земја за јунаштвото.

Да живее споменот за нашите Македонци.

Да живее Република Македонија!, напиша Стојкоски на својот Фејсбук профил.

Претходна вестСе судриле четири возила, починатите се од Прилеп и Свети Николе, детали за собраќајката кај Росоман
Следна вест„Џиновско“ бебе се роди во Србија