Наместо хотел и станбена зграда бизнисменот Фатмир Етеми на двете градежни парцели спроти поранешната НИП „Нова Македонија“ ќе може да гради само еден деловен објект. Колку ќе биде висок ќе зависи од договорот со општина Центар.
Ова е овозможено откако општинските власти на Центар го прифатиле неговото барање за спојување на двете градежни парцели во една и пренамена во деловни и комерцијални дејности. Станува збор за две градежни парцели, а тоа е ГП 37,3 со 1.038 метри квадрати и површина на градба од 750 метри квадратни и ГП 37,2 со 832 метри квадратни и површина на градба од 630 метри квадратни. Етеми прво ги откупи приватните имоти, а потоа во постапка за приватизација од Министерството за финансии го купи и државното земјиште по цена од 7 евра за квадрат, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Градоначалник на општина Центар Горан Герасимовски денеска изјави дека барањето е разгледано од Комисијата за урбанизам.
-Се прифати поради тоа што подобро е на таа парцела да има една маркица којашто ќе оди како деловна комерцијална дејност. Во самата близина имаме и хотелски комплекс, тука се зградите на „Лимак“. Ќе видиме што ќе добиеме како сугестија и од Антикорупциската комисија и ќе видиме како ќе постапуваме понатаму по овој предмет, изјави Герасимовски додавајќи дека „ако се гради во висина ќе се овозможи површина за повеќе зеленило“.
Но, колку висок ќе биде деловниот објект сега не се знае. За хотел и за станбена зграда беше предвидена висина од приземје плус 6 ката плус поткровје. Градоначалникот не објасни дали постои обврска таа височина да се почитува и натаму или може да се менува.