Долговите на претходните градоначалници се неоправдани прво заради партиски вработувања посебно во јавните претпријатија со добри плати, вели Јовица Стојановски
Милиони, милиони евра, долгови… Ова се вестите кои деновиве загрижуваат, а доаѓаат од македонските градови. Новите општински раководства вршат ревизии за финансиски состојби во местат кои ги водат и нивните резултати се соопштуваат на јавноста. А бројките се големи, преголеми. Скопската градоначалничка Данела Арсовска деновиве соопшти дека нејзиниот претходник Петре Шилегов оставил бајаги долгови.
-Само долгот на Градот Скопје изнесува 50 милиони евра, со рати за кредити кои треба да почнат да се отплатуваат од први јануари следната година. Речиси нема никаква шанса за дополнително кредитирање. Градот се задолжил за трипати повеќе отколку во минатото, изјави Арсовска.
Брзо по неа, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Шилегов, всушност, оставил долг од цели 160 милиони евра за веќе склучени договори по јавни набавки, договори во тек на склучување и заеми. Слични вести дојдоа и од Тетово каде навиот градоначалник преку голем билборд ги информира граѓаните дека наследил долг од повеќе од 24 милиони евра, а првиот човек на Охрид рече дека сега има обврска да враќа цели 22 милиони евра…
Долгови се оставени и во повеќе други општини и навистина ќе бидат потребни темелни ревизии за да се утврди колку и за што се должат општините. А задолжувањата се правени со години, често и непотребно.
-Долговите на претходните градоначалници се неоправдани прво заради партиски вработувања, посебно во јавните претпријатија со добри плати, а се големи должници. Но, во кои никогаш не дошол извршител или судска разрешница. Долговите се правени и за репрезентации, за тендери кои се рак-рана на општините… И никој не одговара, посебно ако е градоначалникот од владејачката партија. Дали имало злоупотреби треба да утврдат надлежните служби, обвинителството и другите. Но, кај нас инспекциските служби не работат за било која дејност, смета граѓанинот Јовица Стојановски.
Граѓаните очекуваат да се утврди не само тоа за што се задолжени општините туку и тоа дали долговите се направени законски или со нивно прекршување. Ако имало прекршување, тогаш треба да следи и соодветна постапка за одговорност.
-Новите градоначалници не се изгласани за обвинители туку за решавање на приоритети. Но, нашата реалност е дека обвинителите се заглавени во криминалното, а нашите институции се нефункционални. Затаоа, сега барем градоначалниците како трошка надеж да бидат и полиција и истражители и обвинители. Се што треба е да работат на приоритети и да има пристојни предлози, а истагите нека ги тера тој што е платен за тоа, во случајот заробените институции, смета скопјанецот Митко Николов.
Граѓаните имаат и сомневање дали некогаш ќе се утврди кој, како и дали на законски начин се задолжувал и трошел пари кои сега треба да ги враќаат сите граѓани. Искуствата од минатите години го потврдуваат тоа дека ретко кој градоначалник одговарал за такво нешто. А долговите се трупаа и трупаа и по што се доаѓа во ситуација веќе да не може да се земат нови кредити и да се реализираат позначајни проекти потребни за граѓаните.
Има ли граници за задолжувањето?
Посебно прашање е како се дозволува толку големо задолжување на одредени општини? Излегува дека некои градоначалници може слободно да се задолжуваат со милионски кредити без каква и да е надворешна контрола или ограничувања. Односно, дека нема никакви правила за задолжување кое може да биде направено во текот на еден мандат на некој градоначалник. Потоа, големиот долг станува проблем по кој се бара помошта на државата која немо гледа на тоа…