Доцна синоќа на паркингот пред зградата во која живее оштетен е автомобилот на Љубица Јанчева, претседателката на општинската организација на СДСМ Аеродром.
Таа денеска рече дека случајот е пријавен во полиција, а за нападот го обвини ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова, почитувани, е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, партија што не е поместена од режимската матрица на насилство, закани и притисоци“, изјави денеска Јанчева.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, го осуди вандалскиот чин и порача дека во oпштината не смее да се случуваат такви испади нагласувајќи дека локалните власти досека неколкупати реагирале до МВР.
-Неколкупати реагираме како општина до МВР во врска со нивното дејствување во Аеродром, слабите контроли и неприсуството на терен на полицијата, но не добиваме никаков одговор, вели Муцунски.
Тој нагласи дека во неговата градоначалничка програма нема опции од една или друга страна и апелира да не се политизираат ваквите вандалски случувања.