Очекување дека и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе се појави на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје денеска искажа македонскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи. Одговоарајќи на новинарско прашање околу доаѓањето на Лавров, Осамни рече дека нема забрана од ЕУ за прелети на авиони за настани од мултиларерален карактер.
-Одлуката за санкции на ЕУ не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ. Оттука е одлука на владите да донесат, меѓутоа правен основ во ЕУ има. Е сега, таква одлука треба да донесеме ние и една земја најмалку од нашите соседи – Бугарија или Грција, за да може да се обезбеди прелет. Меѓутоа, во оваа фаза ги процесуираме барањата, за неколку дена ќе излеземе со конечен став, рече Османи.
Прашан дали треба одобрение од НАТО за доаѓањето на Лавров, тој рече дека нема потреба за консултации со НАТО по однос на ОБСЕ, бидејќи Алијансата не е страна во организацијата.
-Одлуката е на Република Северна Македонија по однос на присуството, согласно одлуката на ЕУ за санкционирање на одредени лица, нашето приклучување како тоа се реперкуира врз учеството, присуството итн. Затоа, наредните денови ќе излеземе со конечен став како ќе одговориме на барањето за учество на делегацијата, во кое ниво, и во колкав број. Јас реков се надевам дека ќе успееме на крај сите да бидеме присутни во Скопје, рече шефот на дипломатијата.
По однос на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, повтори дека се очекува негово учество.
-Немам индикации досега дека нема да дојде. Значи, ние се спремаме за доаѓање на државниот секретар на САД, подвелече Османи..
За тоа до каде е постигнувањето консензус за претседавач на ОБСЕ за наредната година, тој подвлече дека тоа е убедливо најважното прашање во ОБСЕ, бидејќи без претседавач Организацијата нема политички мандат да продолжи да работи и оти постојат неколку сценарија.
-Тука имаме развиено неколку сценарија. Првото сценарио на кое што работиме е да продолжиме да бараме поддршка за единствениот кандидат, а тоа е Естонија. Доколку се исцрпи ова сценарио да не може Естонија да добие консензус бараме алтернативно друга држава која што може да постигне консензус. Ако и алтернативна држава не можеме да најдеме до скопскиот министерски совет, тогаш евентуално теоретски може да се постави прашањето ние да продолжиме уште една година. Но, јас би отишол на Влада со барање за одобрување доколку стигне формално барање од други земји членки откако ќе се исцрпи сценарио 1 за Естонија, сценарио 2 за друга држава, рече министерот Османи.
Тој повтори дека во Скопје ќе дојдат 76 делегации, од кои од 57 земји учеснички и останатите се од земји партнери од Медитеранската група и од Азиската група, односно околу илјада членови на делегациите.