Логото и кратенката на името на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) кое стои на националниот дрес со кој македонските фудбалери ќе настапат на ЕП не е во спротивност со Преспанскиот договор, изјави денеска Бујар Османи, македонски министер за надоворешни работи.
Тој на прес конференцијата во МНР реагира на вчерашната реакција на официјална Атина до УЕФА. Грчкиот министер за спорт Левтерис Автенакис во писмо до претседателот на УЕФА Александар Чеферин побара во петокот да биде отстранет амблемот со кратенката ФФМ од македонскиот фудбалски дрес.
– Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение, и како такво не прима државни пари. Договорот од Преспа опфаќа институции кои примаат државни пари. И сè додека ФФМ не прима државни пари, нема обврска да се приспособи според Преспанскиот договор. Трговските марки во Договорот се дефинирани: кодот е МК, МКД. Некои прашуваат зошто не е НМК, но тој код е дефиниран само за регистарските таблички, според Преспанскиот договор“, изјави денеска на прес – конференција во Скопје македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Според Автенакис, кратенката ФФМ што официјално ја користи Фудбалската федерација на Македонија е во спротивност со одредбите во Договорот од 2018 година. Грција вчера испратила реакција до УЕФА по повод дресовите со кои ќе настапи македонскиот фудбалски национален тим на престојното ЕУРО 2020. Грците реагираат на амблемот на дресовите во кое стои ФФМ (Фудбалска федерација на Македонија), а ја нема додавката Северна.