Министерот за надворешни работи Бујар Османи од медиумите дознал дека фирмата „Еуровиа“, која го добила тендерот од 1,8 милиони евра за конференција на ОБСЕ во Скопје, била донатор на ДУИ.
-Знам дека е тешко за верување, но дознав дека фирмата е донатор од вас медиумите. Ги повикувам институциите да истражат се, изјави денеска Османи како одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли.
Фирмата од Желино која го доби тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми. Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице донирал 2.509.200 денари (над 40.000 евра), додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари (30.000 евра).
Османи рече дека им наредил на службите во МНР веднаш да ја испратат целокупната документација до Антикорупциска за случајот кој го отвори таа поврзан со изборот на фирмата донатор на ДУИ, „Еуровиа“..
– Жал ми е што не бев дома два дена, имам разбирање за реакцијата на јавноста која бара транспарентност за секој денар потрошен од МНР. Како што објаснивме, МНР нема избрано компанија, туку кога имате отворена постапка и единствен критериум ви е 100 отсто, тоа што МНР прави е само рангирање. Таа што е најевтина цена, таа се предлага на министерот да ја избере. Кога би било одреден квалитет и цена, вие субјективно одлучувате, но не можете да влијаете врз изборот кога има само цена. И да беше еден денар, немавме можност за поинаков избор. Тука е разликата дури четирипати поевтина, рече Османи.
Тој додаде дека немале можност за друга одлука бидејќи ќе го прекршеле законот.
-Можам да предложам дајте да донесеме закон во кој компаниите кои донираат на партии, да не може да учествуваат на тендер, еве со опозицијата да го изгласаме, рече Османи.