Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска во Европскиот парламент (ЕП) изјави дека е време за значаjни чекори во интеграцијата на Косово во ЕУ.
-Подадевме рака за соработка на сите наши соседи и тоа го направивме во голема мера затоа што нашиот народ заслужува посветла иднина што значи посилна соработка во нашиот регион, рече Османи обраќајќи им се на европарламентарците.
Таа оцени дека институциите на Косово сакаат „одржлив мир кој ја следи основната правда, стабилност со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет и фокус на добрососедските односи“.
Османи изјави дека напредокот на Косово кон членството во Европската унија ќе послужи како катализатор за мир и помирување во регионот каде, како што рече, „злобните сили, историски гледано, сеат раздор“.
-Недостигот на интеграција на демократските земји од Западен Балкан во ЕУ претставува голема безбедносна закана за цела Европа, бидејќи го остава регионот ранлив на закани и злонамерни актери. Интеграцијата на нашиот регион не е само од големо значење, туку и од стратешко значење, нагласи таа и додаде дека Косово е составен дел на Европа.
Таа оцени дека заслуженото место на Косово во европското семејство „ги зајакнува самите основи врз кои е изградена Европската унија и го зајакнува европскиот континент преку поголемо единство“.
Обраќајќи им се на косовските Срби од говорницата на ЕП, Османи рече дека Косово е нивниот дом.
„Ќе направиме се за да се чувствувате интегрирани во Косово“, рече Османи.