Повеќе лица се осомничени и приведени од страна на полицијата поради повразноста со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Од петмина осомничени, тројца се во притвор, еден е недостапен, надвор од Македонија, но со патека на бегство лоцирана од Интерпол и МВР. Меѓу првоосомничените е скопјанецот Љ.П. со прекарот П., бизнисмен и лидер на една политичка партија. Тој се сомничи дека е главен организатор на убиствата, а во моментот е надвор од државата и се претпоставува дека се крие во Србија.
Според првичните неофицијални сознанија Љ.П. со Панче Жежовски бил поврзан заради некакви наводни ископи на злато. Жежовски е киднапиран на 24 номеври, а неговото возило е истото она со кое подоцна е киднапирана 14-годишната Вања и префрлена од убиецот и неговите осомничени помошници. Киднапирањето е извршено на влезот на зградата која главниот осомничен Љ.П. викан П. одлично ја знаел.
Мотивот за киднапирање е поврзан со користољубие и со исплата на пари и други материјални средства. Киднапираната Вања била застрелана со пиштол во 10 часот на 27 ноември, истиот ден кога е земена при одење на училиште. Тој ден полицијата го наоѓа ситроенот, возилото на велешанецот Панче, запалено во атарот на селото Бразда во Скопска Црна Гора.
Истрагата смета дека му помагал и неговиот возач и уште тројца за кои е предложен притвор. Трите лица кои се приведени како осомничени за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска се негови блиски соработници и во политичката партија која Љ.П. ја предводи. Петтото лице вмешано во случајот не е приведено, но е задржано на распит во полициска станица.
Првоосомничениот Љ.П. бил активен на социјалните мрежи се до петокот на 1 декември. На неговата Фејсбук страница можат да се видат постови на политички теми, како и видео на кое тој зборува на различни актуелни теми. Љ.П. постирал секојдневно, пред и по убиството на Ѓорчевска, освен на самиот ден 27 ноември кога, според полициските наводи, таа била убиена.
Синоќа во Кривичниот суд беше спроведен велешанец В.М., кој е еден од осомничените за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Во изјава за медиумите, при спроведувањето, прашан дали го извршил убиството на Вања, тој одговори негативно.
Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека мотив за убиствата е „користољубие“.
Таткото на убиеното девојче Вања Ѓорчевска доцна синоќа е повикан на распит во полициска станица во врска со убиството на неговата ќерка. Засега за него не се бара притвор. Од МВР велат дека се испитува неговата инволвираност. Таткото го пријавил нејзиното исчезнување во полициска станица во понеделникот во 11 часот, 3,5 часа откако нејзе ѝ се губи трагот.
Денеска во 9:30 часот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски во зградата на Јавното обвинителство ќе одржат прес-конференција во врска со двете грозоморни убиства.