Македонија е во тешка криза. Власта слабо се снаоѓа во сето тоа. Затоа и почнаа протест по протест, едно незадоволство го сменува другото… Те пензионери, те административци, те медицинари… се на улиците, пред министерствата, пред Владата.
Ваква е сликата која што последниве недели се гледа како во Скопје, така и во други македонски градови. Граѓаните протестираат незадоволни од малите плати, од растот на цените, од опаѓањето на животниот стандард, од…
Во петок на 24-ти ноември, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) најави протест пред македонското Собрание, на денот кога е предвидено пратениците да расправаат за Предлог-буџетот од 5,5 милијарди евра за следната година.
-По овие нови информации кои ги добивме, мислам дека политиката, односно планот на Владата е во месец март кога ќе порасне минималната плата, такво усогласување да не добијат никој од вработените во јавен сектор, предупреди деновиве претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.
На протестот ќе се појават најмногу вработените од судската и јавнообвинителската служба кои од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.
На протестот во петок решија да се приклучат и вработените од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), кои најавуваат штрајк, а доколку не се исполнат нивните барања, подготвени се на целосен прекин на работата.
– Вработените во Фондот за здравствено осигурување во Република Македонија имаат најниски плати од сите органи на државната управа. Над 50 проценти од нив, ниту со две плати не можат да ја достигнат минималната синдикална кошничка која сега изнесува 48,389 денари. Во споредба со останатите институции со кои ФЗО има сродна дејност, вработените во ФЗО имаат од 120 до 150 евра пониска плата за истото работно место, рече Трпе Деаноски.
И вработените во институцијата Народен правобранител се меѓу незадоволните.
-Излегуваме на протест заради тоа што веќе подолг временски период сме соочени со еден игнорантски однос од страна на државните институции, Владата и Собранието, најави заменик – правобранителот Јован Андоновски.
И од Независниот синдикат на здравствените работници се подготуваат прво за протест в петок. Оттаму бараат зголемување на плати од 30 отсто за лекарите и медицинскиот персонал, администрацијата и техничкиот персонал, зголемување на надоместоците, усогласување на статусот на привремено вработените и нивниот работен однос на неопределено време…
-Доколку не бидат исполнети барањата на здравствените работници, најавен е протестен марш пред Влада на 2. Декември, најави Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравствените работници.
Пензионерите, пак, продолжуваат со своите повеќемесечни протести. Не прифаќаат она што Владата сака да им понуди како пакет на антикризни мерки, а што ќе примаат до април. И натаму се инсистира да се добие линеарно покачување од 5.000 денари, а најниска пензија да биде 20.000 денари.
-Дали овие пари ќе ги даде за да добијат избори и се предизборен трик? Луѓе да се освестеме! Дали со овие малку пари што ги дават на пензионерите ќе бидат доволни за после изборите?…Уште еднаш немој да посегнувате по пензионерите, бидејќи тие се најголемата гласачка машинерија, изјави Соња Арсова од Иницијативниот одбор на пензионери во Штип.
Незадоволството очигледно кулминира. Прашање е само дали Владата и надлежните министерства го гледаат тоа и дали се подготвени да најдат решенија за барањата на граѓаните кои излегуваат на улици.
Власта мора нешто конкретно да превземе. Во спротивно се чини против Владата нема да протестираат само министрите и пратениците од владеачкото мнозинство.