Вчерашната расправа во Законодавниот дом за избор на претседател на Собранието и верификација на пратеничките мандати помина и во знакот на остри реакции од „Левица“ пришто се случи и остра реторика меѓу нејзиниот лидер Димират Апасиев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Апасиев рече дека сега е на ред внесувањето на Бугарите во македонски Устав.
– На ред е генералната проба за Бугари во Устав, почитувана македонска јавност! Ова ќе ви биде новата реалност. А Вие, почитуван Мицковски, веќе нема каде да бегате! Вие тука ќе си седите и ќе ја трпите вистинската опозиција, а тоа се овие шестмина арслани таму, потенцира Димитар Апасиев.
Зборувајќи на констутутивната седница тој директно се обрати и до Мицкоски.
-За ова што го направи, почитуван Мицковски, има македонскиот народ многу мудра изрека: ,,Вие отидовте по волна, а се вративте стрижени!” Ете – тоа направивте! Се чукавте во гради со 58, со 61 – колку купивте: тројца – четворица како на кванташки, за да дадете спикерско место и да одите кај Африм Гаши на ,,баци рака”, за да ви закаже седница! Затоа Македонија повторно ќе биде ваша и само ваша, но не – на народот!, нагласи тој.
Апасиев истакна дека ВМРО-ДПМНЕ прави косоваризација на Македонија.
– Ќе нема парламент во светот на којшто ќе се преседава на македонски јазик. Двојазичните документи за кои вашата сегашна прерседателка Силјановска климаше со глава, кога со Мицевски приговаравме зошто ни се даваат двојазично, истата таа пракса ќе продолжи и сега. Вардар не ве пере за срамот што му го нанесовте на македонскиот народ, поентираше Апасиев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како пратеник се обрати на собраниската говорница и рече дека „им се извинува на сите за непријатностите што ги предизвикале народните избраници на „Левица““.
-Со неколку клипчиња на социјалните медими ќе се обидат да ве девалвираат, но и граѓаните кои масовно ја поддржаа идната влада. Се извинувам и на оние кои го дадоа гласот за овие малкумина пратеници, кои очекуваат дека со агресивен стил ќе постигнат нешто. Јас сакав само да кажам неколку важни работи што ќе следат – ќе следат години на владеење на право, борба против корупција, но ќе има и вакви егзибиционисти. Ќе навредуваат, омаловажуваат во отсуство на идеја. Имаа можност да застанат зад политиките над половина милион граѓани. Го одбија повикот за национално единство, стопани им се Артан Груби и Али Ахмети, па го бојкотиравте изборот на Гордана Силјановска – Давкова за претседател, рече Мицкоски.