Осумдесет отсто од фактурите на нашите домаќинства и мали потрошувачи се субвенционираат преку АД ЕСМ со утврдената цена на електричната енергија од 41 евро за мегават час од страна на Владата, вели министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека производствените цени, а и цените на електричната енергија на светските берзи се 10 пати поголеми во одредени случаи, а денешните цени на ХУПЕКС берзата се минимум седум до осум пати повисоки.
Нагласи дека Владата пред крајот на минатата година донесе одлука АД ЕСМ да покрива 100 отсто од потребите на „ЕВН хоум“ и утврди цена од 41 евро за мегават час за универзалниот снабдувач иако требаше годинава да покрива само 60 отсто од потребите на универзалниот снабдувач кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи.
Од јуни ќе се примени нов тарифен модел со воведување на блок тарифи, односно оние кои повеќе трошат поскапо да плаќаат, а оние кои помалку трошат да плаќаат поевтина електрична енергија дури и од сегашната.
-Не е праведно богатите семејства кои трошат 10 отсто од вкупните дневни потреби на државата за електрична енергија да плаќаат иста цена на електричната енергија со другите и затоа ќе плаќаат повисока цена, а ранливите категории ќе плаќаат и пониска од сегашната, рече Бектеши.
Покрај тоа, на сите домаќинства од 1 јули ќе им се дозволи на покривите да произведуваат сопствена електрична енергија по моделот потрошувач – производител.