На предлог на Комисијата за хартии од вредност, Министерството за образование и наука во соработка со Македонска берза а.д. Скопје ќе им понуди на економските училишта изборен предмет за финансиска писменост на учениците.
Во практичниот дел од предметот ќе се користи платформата „Виртуелна берза“, која е креирана од Берзата како интернет-игра на знаења за стекнување први искуства за вложување и тргување со хартии од вредност.
– Предметот ќе има теоретски дел подготвен во соработка со Центарот за стручно образование заедно со училиштата и Комисијата за хартии од вредност, а практичниот дел ќе биде изработен заедно со Македонска берза, со тоа што тие нудат и алатка за тргување што е значајна за учениците, за да го почувствуваат она што теоретски го учат и да може да се натпреваруваат, изјави министерката Мила Царовска.
Извршниот директор на Македонска берза, Иван Штериев, истакна дека финансиската писменост за берзите станува се поважна со оглед на се поголемото учество на физичките лица во тргувањето си хартии од вредност, како и појавата на онлајн-платформите за тргување.
Според него, финансиската писменост во Македонија не е на потребното ниво – на ученици и студенти, а и на поголем дел од возрасните, основните поими за управување со личните финансии, здравите финансиски навики, штедењето и инвестициите не им се многу позната територија.