Со нормален тек и без проблеми се одвива започнатиот откуп на црвената пиперка – ајварка во струмичкиот регион. Ова била оценка на вчерашната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски со производителите во струмичкото село Муртино каде извршил увид на откупот на црвената пиперка.
Трипуновски соопшти на својот профил на Фејсбук дека ги информирал жителите на Муртино оти пред неколку дена е постигнат договор за откупната цена на црвената пиперка, прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм.
Од МЗШВ информираат дека од страна на министерот било ветено дека Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Посочуваат дека градинарите се задоволни од одлуката на министерот за однапред договорената откупна цена на црвената пиперка.
-Земјоделците се во сигурни раце, Министерството се грижи и го вреднува нивниот труд, напиша Трипуновски.
Во овој период струмичките производители на црвена пиперка се обидуваат да го спасат родот од високите температури и постојано ги наводнуваат површините за подобар квалитет. Очекувањата се и оваа година поголем дел од родот годинава да замине на странските пазари, а помал дел да остане за домашните преработувачки капацитети.