Скопје денеска доби нов трговски комплекс откако во централното градско подрачје кај Старата железничка станица беше отворен трговски комплекс Дајмонд мол. Тој е еден од главните делови на мултифункционалниот комплекс Дајмонд оф Скопје, во чија изградба турската групацијата „Лимак“ досега инвестираше над 350 милиони евра, а ќе вработува околу 1.000 лица. Покрај Дајмонд мол, комплексот го сочинуваат и четири резиденцијални згради, деловни простории, луксузен хотел, како и подземна сообраќајница.
Со својот уникатен концепт, Дајмонд мол припаѓа на сосема нова категорија објекти, наречени „Лајф-центри“. Првата целина од овој концепт ја сочинуваат 150 продавници со вкупна површина за закуп од 48.000м², кои на купувачите ќе им понудат голем избор на популарни и атрактивни брендови. Втората целина е „Зоната на соништата“ со површина од 7.000м², која ќе понуди најразлични едукативни и забавни атракции за деца и млади. Третата целина е „Гурманската Авенија“, која на посетителите ќе им овозможи да бидат дел од разновидни случувања од областа на културата и уметноста, додека уживаат во вкусовите на локалната и интернационалната кујна, достапна во големиот број ресторани, кафулиња и барови кои ја сочинуваат оваа Авенија.
На денешното отворање присуствуваа и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот Артан Груби, министрите Оливер Спасовски, Фатмир Бесими и Љупчо Николовски, како и од претставници на Групацијата „Лимак“, амбасадори на неколку држави и други партнери и истакнати личности.
-Уште од моментот кога овој центар и целиот комплекс на кој му припаѓа беа само идеја, посакувавме тие да бидат новото обележје на Скопје со кое ќе се гордеат жителите на овој град и место каде тие со задоволство ќе сакаат да престојуваат. Се радувам што ваквата замисла станува реалност, истакна почесниот претседател на Групацијата „Лимак“, Нихат Оздемир.
Тој додаде дека со хотелот со капацитет од 142 соби отворен, отворен во април 2022 година и кулите со 772 резиденции и 24 хоум офиси, кон крајот на 2024 година ќе биде заокружен проектот „Дајмонд оф Скопје“.