Отворен првиот приватен ветро-парк „Богословец“

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф и претставници на Green for Growth Fund (GGF) во атарот на светниколското село Богословец, денеска свечено го отворија првиот приватен ветро-парк „Богословец“. Проектот е вреден 61 милион евра, развиен од THOR Impex, и е првиот приватен ветерен парк во земјава и може да се пофали со капацитет од 36 MW, способен да напојува со електрична енергија над 20.000 домаќинства годишно.

Амбасадорот на ЕУ, Гир истакна дека се надева оти оваа прва ваква приватна инвестиција во ветро парк ќе биде вовед во уште многу инвестиции во чиста енергија и во одржлив економски развој.

– Токму овој проект демонстрира како тоа може да биде сторено, здружувајќи локални и компании од ЕУ и банки. Бенефитите ќе бидат долгорочни како за животната околина, така и за граѓаните. Овој проект ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 800 илјади тони годишно и ќе обезбеди чиста енергија за 20.000 домаќинства, рече Гир.

Михајло Михајловски од THOR Impex, компанијата сопственик на ветерниот парк „Богословец“, додаде дека веќе имаат визија за инвестиција во нов проект и се надева дека за година и пол свечено ќе се отвори и вториот ветро-парк „Богословец 2“.

-Она што е особено важно е дека станува збор за македонска инвестиција, македонски капитал кој и понатаму ќе остане во државата да создава дополнителна вредност и да биде извор на идни големи инвестициски проекти. Ваквото достигнување не би било возможно без непоколебливата поддршка од нашите партнери, Ерсте Груп, Комерцијална Банка, НЛБ Банка, Шпаркасе Банка и ОеЕБ, како и Сименс, Инград и нивните подизведувачи Вардар Градба, Хитачи и Елнос чија експертиза овозможи овој ветеренпарк да биде изграден и да почне да произведува електрична енергија согласно проектот. Благодарни сме на сите нашите партнери и сите чинители кои веруваа во овој проект. Вашата поддршка беше непроценлива, рече Михајловски.

Ветро-паркот „Богословец“ треба значително да го подобри капацитетот за обновлива енергија на Македонија, усогласувајќи се со целта на земјата да ја зголеми обновливата енергија за 50 отсто до 2030 година. Ветерниот парк „Богословец“, проект вреден вкупно 61 милион евра, изграден е на 80 километри југоисточно од Скопје, во близина на селото Богословец. Изградбата почна во 2021 година и во изминатиов период „Siemens Gamesa“ инсталира осум ветерни турбини на локацијата. Напојувани од ротори со дијаметар од 145 метри со висина на јарбол од 102,5 метри, овие турбини ќе имаат вкупен капацитет од 36 MW.

Претходна вест„Левица“ прифаќа реорганизација на министерствата но само ако биде прифатена една изборна единица
Следна вестВремето денес сончево и топло, максимална температура до 34 степени