Отворете очи при гласање, удрен ли е печат на ливчето

Да си погледнеш во твоето избирачко ливче дали има ставено печат пред да го ставиш во кутијата – вака си пишуваа граѓаните на социјалните мрежи давајќи си меѓу себе совет како да се заштитат за да не им пропадне гласот. Зошто дојде до ова? Па зарем нема изборни комисии кои контролираат се и прават гласањето да тече според законите?

Денеска, Државата изборна комисија ја поништи вчерашната одлука со која од избирачките одбори во вториот круг на гласање на локалните избори се бараше да ги признаваат и гласачките ливчиња без печат. Членовите на Комисијата на денешната седница ја поништија измената во упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња која предвидуваше за важечки да се сметаат и гласачките ливчиња без печат, во ситуации кога е направен  пропуст од страна на избирачкиот одбор.

Важечки ќе се сметаат само ливчињата со задолжителен печат.

Од ДИК денеска објаснија дека предложената измена донесена вчера, а која предизвика големи реакции и сомнежи во јавноста, произлегува од пресудата на Управниот суд да прогласи ливчиња без печат за важечки. Управните судии решавале за случајот на гласачкото место во Шуто Оризари при што констатирале дека е недозволиво гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки поради пропусти на избирачкиот одбор, односно поради неставање на печат.

Поради ова ДИК го измени Упатството за важечко и неважечко гласачко ливче само во делот каде се вели дека гласачкото ливче е неважечко ако на него нема ставено печат со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на избирачкиот одбор, рече Даштевски.

Тој додаде дека имајќи ги предвид реакциите во јавноста, ДИК ја укинала вчерашната измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња, со што во сила ќе се стави претходното Упатство.

Но, со ова се создаваат можности за правен галиматијас околу признавањето на гласачките ливчиња на кои нема да имаат печат од избирачкиот одбор. Односно, може да се случи на некои гласачи да не им биде удрен печат на гласачкото ливче. Тогаш, според ставот на ДИК тоа ливче нема да биде признаено, а спред ставот на Управниот суд тое е регуларно!?

Затоа граѓаните сами си делат совети: отвори очи и гледај има ли печат на твоето гласачко ливче. Многу повеќе од совет, треба да испрати ДИК до избирачките одбори – обавезно да го удираат печатот,  да нема пропусти.

Да, во Македонија дури и вакви совети се потребни за да се реализира нешто што е јасно пропишано со закон. Членот 109 став 2 од Изборниот законик вели дека „гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот“.

Претходна вестНови 444 заразени, 8 починати во 24 часа и 7 од претходно
Следна вестНе попушташе 19 месеци, ама на 5 дена пред избори Владата се премисли: Се отвораат ноќните клубови