Опсерваторијата за климатски промени Коперник очекува 2023 година да биде најтоплата година во историјата на човештвото. Австрија, Белгија, Франција, Германија, Полска, Швајцарија и Велика Британија во септември забележаа највисоки просечни температури за тој месец, речиси четири степени над долгорочниот просек.
Француската метеоролошка агенција Метео-Франс наведува дека просечната температура во септември била 21,5 степени Целзиусови. Тоа е меѓу 3,5 и 3,6 степени над просекот за референтниот период од 1991 до 2020 година во таа земја.
– Тоа беше, исто така, еден степен повисок од претходниот рекорд од почетокот на евиденцијата во 1900 година, изјави метеорологот Кристин Берн за Гардијан.
Таа додаде дека во неколку региони отстапувањето од септемврискиот просек во последните три децении надминало четири степени Целзиусови.
Просечната температура во Франција во септември била повисока од просечната за јули и август, која изнесувала 21,1 степени Целзиусови, а за прв пат во историјата во септември е издадено предупредување за топлотен бран, соопшти Метео-Франс.
Во Германија просечната септемвриска температура беше 17,2 степени Целзиусови, речиси четири степени над просекот за референтниот период од 1961 до 1990 година.
– Вонредните температури во овогодинешниот рекорден септември во Германија се уште еден доказ дека климатските промени се на дело – рече Тобијас Фукс, раководител на одделот за клима и животна средина во Германската метеоролошка служба.
Националните метеоролошки агенции во Австрија и Швајцарија, исто така, забележаа највисоки просечни температури во септември, а една студија покажа дека швајцарските глечери изгубиле 10 отсто од мразот за две години поради екстремното затоплување.
На повеќе места веќе се постигнати рекордно високи дневни температури за октомври.
Просечната температура во светот е за околу 1,2 степени Целзиусови повисока отколку во прединдустриската ера.
Научниците велат дека климатските промени предизвикани од човековите активности ја зголемуваат глобалната температура. Просечната температура во светот веќе е околу 1,2 степени Целзиусови над прединдустриското ниво.
Високите температури донекаде се последица на временскиот феномен Ел Нињо кој штотуку започна и ги загрева водите на Јужниот Пацифик.