Македонија плаче за изградба на нови патишта. Ама, Македонија плаче и кога ќе почнат да се прават патишта.
Надлежните институции многу ги бива за почнување на изградба на патишта. Обавезно има црвени панделки врзани на лопатите, оптимистички говори на политичарите, аплаузи… веќе наредниот ден има на сите медиуми како ударнички се почнува со работа, збревтаат неколку багери, растрчани работници, ама потоа се подзастанува…
И почнуваат објаснувањата зошто се случило запирањето на работите, дека земјиштето не било откупено, дека се појавил ваков или онаков проблем, а најчеста причина е лошо осмислениот проект за предвидената траса на автопатот или пругата. И така е за многу предвидени траси.
Вчера и денес јавноста слуша дека ќе треба да се менува трасата на автопатот од Скопје до граничниот премин со Косово – Блаце. Шок, јавноста мислеше дека наскоро патот ќе биде готов, а произлезе…
До скоро надлежните како причина за доцнењето во градбата наведуваа проблеми со откупот на земјиштата, сега проблемот се гледал во предвидената траса. Направениот проект кој предвидува од 12 километри долгиот автопат дури 6 да бидат тунели во планинскиот терен, ќе го направи автопатот најскап проект со цена од околу 20 милиони евра по километар. Заради тоа ќе се бара нова траса, ќе се бара нов проект. А тоа ќе значи нов и ново доцнење…
Па кој ги прави тие проекти и траси? И зошто проектни грешки се повторуваат во Македонија? Казнет е некој експерт или фирма или државен надзорен орган поради досегашни грешки кои скапо ја чинат Македонија?
Да го споменеме ли легендарниот пат Кичево – Охрид? Проблем со проектот на трасата се наведуваше и како една од главните причини за веќе петгодишното доцнење на изградбата. Само се кажува дека основниот проект не е усогласен со теренот. И откако се било нацртано, ете, на теренот градежниците наишле на ситуација трасата да поминува над резервоарот со вода од каде што се снабдуваат кичевчани, дека не била планирана ниту една клучка за излез од автопатот, па морала да се направи комплетно нова проектна документација за 9 клучки, па…
Да се потсетиме проблеми со свлечишта имаше и на новиот автопат Миладиновци – Штип поради тоа што проектот не ги опфатил како што треба, па мораше да се прават скапи поправки.
Сите овие проблеми, пропусти, пролонгирања водат кон единствено прашање: дали при градба на вакви инфраструктурни проекти, односно, при нивното проектирање се води сметка кој и како ги работи? Тоа мора да го прават најдобрите и веќе докажани компании и експерти. Сетоа тоа пак мора да го проверуваат најдобрите во државните надлежни институции за градба, а не политичарчиња кои ете им се паднало да се ухлебат баш таму.
Градењето патишта е многу поразлично од проектирањето на мобилен телефон на траса каде сакаш да одиш, а за тоа само го прашуваш „Гугл мапс“ и потоа тргнуваш…
До кога во Македонија некои проектирања на патишта ќе бидат слично како виц: Основниот проект средношколец на час по геометрија го правел, а негово другарче го одобрил и прифатил нацртот.