Пак кавга во Советот на Скопје: Арсовска го обвини Славевски за фалсификат, тој ќе и поднесе тужба за клевета

Во Советот на Град Скопје повторно имаше тешка кавга. Обвинувања за фалсификат и најави за поднесување на тужби за клевети се случуваа на денешната седница на Советот на Скопје помеѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и претседател на Советот Трајко Славевски. Ова не е прв пат тие да имаат вербални расправии.

Најновата кавга кулминира за време на обраќањето на Арсовска која го обвини Славевски за сторен фалсификат на потписот врзано за (не)исплата на паушали на градските советници.

-Паушали не може да земете оти вашиот претседател фалсификувал потписи. Криивично ќе одговара оној што овозможил некој да зема пари од Советот со фалсификат, им порача Арсовска на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

На ова потоа реагираше Славевски кој рече дека ќе поднесе тужба против градоначалничката.

-Тужба за клевета ќе добиете Арсовска. Изнесовте тешко обивнување за фалсификат. Имам список, со знаење на сите. Две членки на Советот не можеа да присуствуваат на седница, една заради патолошката бременост, другата заради канцер и им беше дозволено он-лајн учество на седницата. Јас се потпишав со „за“ – Трајко Славевски. Ја отрувте атмосферата тука, рече Славевски.

Инаку, Арсовска, по подолг период, конечно, се појави на седница на Советот на Скопје која денеска е посветена само на состојбите во ЈСП „Скопје“. Таа остро ги нападна советиците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот партиски лидер.

– Овој мицковизам е погубен за градот и Македонија. Како сакате во исто време и да нема приватен превоз и да има автобуси. Или е едното или е другото? Како сакате 220 автобуси кои што некој ги спроведува во јавниот превоз, а треба да се заменат со нови 250, за кои што не гласате, да се заменат кога се непостоечки? Секој еден мицковист ги ветуваше овие работи и одеше со мене заедно од врата на врата. Јас сликите со Мицкоски ќе ги вадам лично, да видат дека тој ги ветувал овие работи. Сега отвора чешми, наместо да отвора капитални проекти во градот Скопје, додаде Арсовска.

Градоначалничката обелодени дека претходен директор поставил 900 административци во ЈСП Скопје. Им порача на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека не се опозиција во градот и дека имаат свој претседавач на Советот.

-Граѓаните добро знаат дека овој градоначалник не може да спроведе без вашите одлуки. 250 автобуси ветивте и вие и вие одевте од врата на врата. Не ветив само јас. Како можете да тврдите дека не сте на власт во Скопје, а имате претседател на Совет. Ако не сте на власт во Градот Скопје нека 500 вачи членови на управни одбори поднесат оставки, а не да примаат надоместоци за тоа. Вие сте на власт и сте причина што најважни проекти не се реализирани, порача Арсовска.

Славевски по ова истакна дека во Советот имале работна атмосфера, а дека градоначалничката ја „отрула“ дискусијата со политика велејќи и „подобро да не дојдовте“. Веднаш по тоа тој објави пауза во работата на Советот.

Претходна вестЗастаре уште едно дело на Мијалков, благодарение на измените на Кривичниот закон
Следна вестКривичен суд: Притворите на Јанакиески се оправдани, жалбата била долга