Пак ќе решаваат за протоколите за настава во училиштата, ќе има ли решение?

Нов обид да се утврдат протоколите за начинот на реализацијата на наставата во училиштата од 1 септември ќе направи денеска Комисијата за заразни болести и работната група од Министерството за образование.

Министерството за здравство информираше дека разговорите продолжуваат со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата и дека финалната одлука за начинот на одвивање на наставата ќе ја има МОН.

-Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците од корона вирусот во текот на наставниот процес. Сепак, финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука, соопшти Министерството за здравство.

Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за МИА вчера изјави дека се разговарало за предлозите за времетраењето на наставните часови и за потребата од измени на законите доколку тие бидат скратени од регуларните 40 во основно односно 45 минути во средно образование.

Одлуката за скратени часови, како што рече, треба да има и правна рамка и да биде усогласена со законите за основно и за средно образование. Измените треба да ги донесе Собранието кое до 1 септември се очекува да биде функционално. Исто така, се разгледува и потребата што би ја имале општините од дополнителна финансиска или друга поддршка за хигиена на училишните објекти, за превоз на ученици односно за спроведување на сите инструкции што ќе ги содржат протоколите. Тие ќе имаат детали за три вида настава во зависност од епидемилошката состојба во одредена средина – со физичко присуство, онлајн-настава и комбинирана.

Претходна вестВо Финска слетал авион од Македонија со 24 патници заразени со вирусот
Следна вестПовеќето патници кои слетале со корона вирус во Финска биле со косовски пасоши