Владава премногу се задолжува со земање кредити. Треба да посветат големо внимание на енергетската криза и растењето на цените. Нашиот народ не може да издржи такво поскапување. Штета што ги пресушија сите езера – Козјак, Мавровско, Тиквешко… со продавање струја надвор, а сега ќе бараме да купуваме. А кој ќе го враќа долгот после? Многу пари се земени, а не се направени битни работи, смета Гордана Трајчевска
Македонија тешко излегува од политичката криза. Актуелната влада неодамна, под контроверзни околности, го преживеа гласањето за доверба, ама тоа не ги разреши проблемите, напротив. Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев сега е на искушение да покаже какво мнозинство има во македонскиот парламент. И пак почнаа да тртљаат, да заобиколуваат… А треба да се решаваат разните кризи кои ја протискаат државата.
Ако Заев или некој негов наследник обезбеди мнозинство, тоа ќе значи дека Владата, најверојатно во нешто изменет состав, ќе продолжи да управува со земјата и во наредниот период. Со тоа, доколку не се случат предвремени избори, ќе решава за најважните прашања во земјава во наредниов период. Што да очекуваме? Рекоа дека ги разбрале пораките од народот пратени на локалните избори.
Дали старо-новата Владата пак ќе прави што сака, како што си го правеше до сега, овојпат охрабрена и од „успехот“ што не и е изгласана недовербата? Поразот на владеачката партија СДСМ беше израз на револтот на народот од тоа што се прави на надворешен, но и на внатрешен план. Искажаа незадоволство и са сиромаштијата и за преголемото задолжување на македонија и за расипништвото на Власта. Искажаа незадоволство поради можниот енергетски колапс, растот на цените како и инфлацијата. Владата иако нема мнозинство, веќе најавува нов развоен буџет. Ако се присетиме барем малклу, со години наназад добиваме развоен буџет, ама развој…
– Кризата би можела да се реши со одговорно работење, а не со земање кредити. Некој треба да ги врати тие кредити земени со камати. Со тоа нема да го решиме проблемот со кризата на недостиг на струја и инфлацијата. За жал, оваа влада ништо не одработи во корист на народот и граѓаните, смета граѓанката Бети Станковска – Илиевска.
Долгот ќе расте, а кога ќе запре?
Граѓани стравуваат дека она што било лош тренд до сега може да продолжи и натаму. На пример, задолжувањето на земјата. Јавниот долг на крајот од октомври годинава изнесуваше 6.950.7 милиони евра, односно, 59,3 проценти од БДП. Кон крајот на јуни бил 7.386 милиони евра што значи дека се врти над 7 милијарди евра. Со тоа, само за четири години откако СДСМ е на власт долгот е зголемен за 2,3 милијарди евра бидејќи во 2017 година изнесувал 4,7 милијарди евра. А сте виделе позитивни ефектите од тоа? Деновиве дури и од ЕУ не предуредија околу зголемувањето на јавниот долг.
А деновиве Владата му префрли на АД ЕСМ вкупно 65 милиони евра за ублажување на енергетската криза, за набавка на струја од увоз и за копање јаглен. Извесно е, тоа нема да бидат последни дадени пари…
-Владава премногу се задолжува со земање кредити. Треба да посветат големо внимание на енергетската криза и растењето на цените. Нашиот народ не може да издржи такво поскапувања. Штета што ги пресушија сите езера – Козјак, Мавровско, Тиквешко… со продавање струја надвор, а сега ќе бараме да купуваме. А кој ќе го враќа долгот после? Многу пари се земени, а не се направени битни работи, смета Гордана Трајчевска.
Порастот на цените на храната исто така се многу загрижувачки. Масло за јадење повторно се продава над 100 денари, за два до пет денари се покачени цените на шеќерот и на брашното. Почна и зголемувањето на цената на лебот. За 200 денари се зголемени минималните трошоци во октомври. Синдикалната кошничка покажува дека на едно четиричлено семејство да го протурка месецот му требаат 34.584 денари.
-Не само што ни е потребно решавањето на енергетската криза туку е потребно и замрзнување на некои цени. Посебно не се потребни задолжувањата туку плати и пензии да се зголемат за 30 проценти, бара Габи Николова.
Прво да се решаваат сопствените проблеми
Но, додека овие важни прашања чекаат решенија и мерки вниманието на јавноста сега насочува повторно кон тоа дали до крајот на годината Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
– Ако постојано се занимавате со туѓи проблеми – на Бугарија, на Грција, на Авганистан итн, и тоа на најлош можен начин, секако дека не можете да ги решавате своите, ни вели Ангелина Костова.
Граѓаните бараат од Владата да ги решава актуелните проблеми, но на поинаков начин отколку досега: конкретно, со рационално трошење, со намалување на големиот административен апарат, со добри економски мерки, а не како досега, најмногу со задолжување. Неодамна дури и поранешниот шеф на државата Бранко Црвенковски предупреди дека економските состојби се полоши од пред 10 или 20 години.
– Македонија е земја во којашто се живее на кредити, а има изрека која вели „којшто живее на кредити, умира на рати“. Вака понатаму не може, овој балон ќе пукне, нагласи Црвенковски.
Меѓутоа, и по овие предупредувања не се забележува дека Владата планира да воведе промени кои што би значеле поголемо штедење. Односно, веќе одамна се заборави на најавеното намалување на јавната администрација, на откажувања од набавките на луксузниот мебел и автомобили, од средствата за репрезентација. Нема најави за трајно решавање на енергетските проблеми, за стабилна екомонија, поголеми плати. А тоа води кон прашањето дали кога ќе се појави потреба пак ли ќе се посегнува по задолжувањето?
-Сигурно дека ќе се задолжат. Инаку,од каде пари, до гуша се должници. А тоа се должи на недомаќинското работење, смета граѓанинот Арслан Зекировски.
Мора да се направи итен рез во трошењето
-Под итно треба намалување на државна администрација бидејќи се тие еден од најголемиот финансиски товар. Укинување на секаков вид на комисии, голем дел на управни одбори, укинување на патни трошоци на парламентраците, конфискување на имоти на нелегеално стекнати богатства. Мора под итно да се направи рез. Постои опасност од ново задолжување. Ние немаме производство за да се наполни буџетската каса. Секоја влада многу лесно се задолжува во странство – претпоставувам поаѓајќи од логиката дека некој друг ќе ги врати кредитите, смета Виолета Арсова.