И оваа година ниту една македонска високообразовна установа не се најде на Академското рангирање на светските универзитети за 2024 година, позната како „Шангајска листа“.
На врвот на листата се наоѓаат универзитетите „Харвард“, „Стенфорд“, „МИТ“, „Кембриџ“ и „Беркли“.
Од регионот, Белградскиот универзитет се најде на позиција помеѓу 401-500 место, односно бележи пад од минатата година кога беше рангиран помеѓу 301-400 место. Во меѓувреме, Универзитетот во Нови Сад се задржа на позиција помеѓу 901 и 1.000 место.
На листата, на позиција помеѓу 401-500 место се најде Универзитетот во Загреб и Универзитетот во Љубљана на 501-600 место. Истовремено, на листата оваа година се најдоа шест грчки универзитети. Освен македонски, на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.
Шангајската листа се објавува од јуни 2003 година. Повеќе од 2.500 универзитети се вклучени во Академското рангирање на универзитетите во светот секоја година, а се објавуваат најдобрите 1.000.