Голем број на Палестинците се обидуваат да избегаат од северниот дел на Појасот Газа, откако израелската армија постави нов рок за евакуација до денеска (14.10), до 15 часот по средноевропско време. Израелската армија го повторува повикот за евакуација преку социјалните мрежи и летоци. Израел бара напуштање на северниот дел на Појасот, каде, според проценките, живеат околу 1,1 милион луѓе. Терористичкиот Хамас, пак, ургира кај жителите да останат во своите домови.
-Семејства со автомобили, камиони и влечни коли се движат по патот кој води надвор од градот Газа, додека во Појасот, каде снемува храна, вода и гориво, продолжуваат израелските воздушни напади, јавува агенција Асошиетед прес.
Египетски претставници информираа дека подоцна во текот на денов ќе биде отворен јужниот премин Рафах, од каде треба да им биде овозможен излез на странците. Израел тврди дека повикот за евакуација го следат „стотици илјади“ Палестинци, кои се веќе на пат кон југ на Појасот Газа. Илјадници луѓе се пристигнати во Деир ал-Балах, јужно од зоната за евакуација, и се туркаат во училиште кое го водат ОН, а кое е претворено во бегалско сместувалиште.
Израелската армија соопшти дека спровела неколку ограничени операции во Појасот Газа против терористите на Хамас и трагала по околу 150 луѓе, меѓу кои и деца, киднапирани за време на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари на мрежата Х напиша дека целта на овие операции е „да се исчисти областа од терористи и оружје”.
Според Министерството за здравство во Газа, досега се убиени над 2200 лица на територијата на Појасот, вклучително и 724 деца и 458 жени. Во терористичкиот напад на Хамас врз Израел, според наводи на израелската влада, загинале над 1300 луѓе, од кои најголемиот дел цивили, а во текот на борбите биле убиени 1500 борци на Хамас.
Медиумите денеска пренесуваат дека голем број луѓе загинаа во воздушен напад врз конвој возила што беше евакуиран од северот на Газа кон југот на областа. Би-Би-Си (ББЦ) наведува дека на објавеното видео се гледаат најмалку 12 мртви луѓе, главно жени и деца, од кои некои се чини дека се на возраст од две до пет години. Британскиот јавен сервис јавува дека ударот се случил на улицата Салах ал-Дин, веројатно околу 17:30 часот по локално време, дека повеќето од телата биле пронајдени на задниот дел од камион со рамно лежиште, додека други лежеле на патот.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека 70 луѓе биле убиени на самото место и го обвини Израел за нападот. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека го истражуваат инцидентот и рекоа дека Хамас се обидува да спречи цивили да го напуштат северот.