Палевски должел 15.000 евра, ден по убиството на Вања поправал котел за парно кај пријател

Првообвинетиот за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо должел 15 илјади евра, кажа во денешниот исказ сведокот Ламбе Бучков кој комуницирал со Палевски. На продолжението на судењето Бучков објасни дека парите на Палевски му биле потребни за да ја заврши зградата „Тифани“ во центарот на Скопје.

-Беше направен договор, на нотар му беше даден аванс од 15 илјади евра, рече сведокот.

Но, не добиле дозвола за градба,  а парите никогаш не ги вратил. Бидејќи парите биле преку него земени, Бучков зел кредит да му ги врати пари на пријателот.

Од септември 2022 година секојдневно му ги барал парите, а Палевски велел дека чека некои пари да му ги вратат.

На денешното рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски,  сведочеше и Ерол Османи, предложен од обвинителството. Османи, кој го познава Љупчо Палевски – Палчо од 2000-тите години, сведочеше за нивната комуникација и средби, вклучувајќи детали за возилото и неговите активности на деновите поврзани со случајот.

-Му помагав на Палчо во издавањето на весникот ‘Глобал’. Бев повикан од уредници да помогнам бидејќи не одеше како што треба. Имам познавања од мрежи и компјутери, изјави Османи, опишувајќи го нивниот професионален однос од минатото.

На прашање од обвинителството за средбата на 28 ноември 2023 година, Османи објасни дека Палчо му се јавил претходниот ден и ја одложил посетата заради настинка. „Ми рече дека е настинат и не можел да дојде на 27-ми,“посочи Османи.

Според него, Палчо пристигнал кај него на 28-ми ноември со бело возило.

-Беше некое пикап бело, мислам француско возило. Забележав вдлабнатина на возачката врата, додаде тој.

Во своето сведочење, Османи ги спомена и здравствените проблеми на Палчо, истакнувајќи дека знаел за неговите проблеми со кичмата.

-Знам дека имаше последните две години проблем со кичмата, но не ми спомена дека планира патување и лекување, рече Османи.

Во вкрстеното испрашување од страна на Палчо, Османи потврди дека на 28-ми ноември имал комуникација со него.

-Во 11:42 ми потврди дека ќе дојде. Ми рече дека е на подкаст во живо, ќе ја земе ќерка му од Алкалоид и потоа ќе дојде кај мене, објасни Османи.

Претходна вестСЗДСМ: Да се обезбедат сензори за континуирано мерење гликемии и инсулински пумпи за лицата со дијабетес
Следна вестРКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори