Пандов: Од затворот „Шутка“ затворениците излегувале кога сакале, тој е како „хотел промаја“

Од затворот „Скопје“ во скопската општина Шуто Оризари некои затвореници излегувале и влегувале кога сакале, а во него било како во „хотел промаја“, изјави денеска директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов на прес-конференција.

Тој објасни дека по неговото назначување на функцијата, од повеќе страни добил информации дека во затворот „Скопје“ секојдневно отсуствуваат поголем број на затвореници. Поради тоа на 19-ти јули бил направен вонреден надзор. Истакна дека ова е прв ваков вонреден надзор во ноќните часови после седум години. Во овој надзор, додава тој, целта беше да се провери бројната состојба и дали фалат затвореници.

-По список во „Скопје“ требаше да бидат 180 затвореници, при што заклучивме дека 11 осуденици не беа присутни во своите ќелии. Во очи паѓа дека списокот кој што ни беше понуден од страна на затворскиот полицаец и фактичката состојба не кореспондираа. Во отворениот дел имаат возен парк и во него, по списокот требаше да бидат само три лица, а се распоредени 10, од кои што четворица отсуствуваа. Во делот перална, по список треба да има 4 осудени лица, а формално правно треба да бидат 9 – седум беа отсутни, едно лице пронајдовме, а едно било на домашно отсуство. На прашањата зошто е така, ни кажаа дека затворската полиција нема увид и дека добиваат усни наредби, кажа Пандов пред новинарите.

Директорот на Управата посочи дека директорот на затворот „Шутка“, Филип Андов-Сокол е лицето кое што ги давало усните наредби кој осуденик каде треба да биде во установата.

Денес службени лица од Управата за извршување санкции повторно заминале во скопскиот затвор и по прашањата од затворските полицајци и командирите кој ги давал наредбите, кревале рамења дека не биле запознаени и дека директорот на затворот одредувал кој затвореник да биде во кои делови.

-И покрај вонредниот надзор, четворица лица од овие 11 што не ги најдовме во затворот, утрово во пет часот не се наоѓаат таму и се во бегство. Во меѓувреме додека го правевме надзорот, десет од тие лица по еден час, два, три часа се враќаа и слободно се движеа околу нас и разговараа со полицајците, рече Пандов пред присутните новинари, додавајќи дека во затворот било како „хотел промаја“ и „на се личеше таму…“.

Директорот на Управата вели дека го информирал премиерот Христијан Мицкоски за состојбата и побарал смена на Андов, верувајќи дека ќе бидат поставени чесни луѓе по затворите низ државата.

-Најголем дел од затворските полицајци се чесни и тие со солзи во очи ми кажаа дека им се закануваат и дека затворениците се помоќни од нив и дека имаат поткрепа од директорот на затворот, обелодени Пандов.

Претходна вестТошковски: МВР и РСБСП се пример за одлична соработка која резултира со поголема безбедност во сообраќајот
Следна вестОд ноќеска на полноќ поевтинуваат горивата