Пановски: Исчезнале 29 нови клупи на кејот на Вардар во Градскиот парк

На потегот од Градскиот стадион па се до мостот на Вардар кај хотелот „Александар палас“ недостасуваат 29 клупи наменети за одмор на граѓаните, алармира микробиологот Никола Пановски, кој е и советник во Советот на Град Скопје. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој наведува дека клупите исчезнале во текот на февруари.

-На 14.02. годинава мојот другар Тефоил Николовски преку пост информираше дека недостасуваат клупи поставени лани летото. Имаше слика и од една клупа фрлена во Вардар. На 22.02. Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски лично проверил дека недостасуваат 29 клупи, па побара  информација од службите на Градот и од ЈП „Паркови и зеленило“, поставувајќи ја оваа информација како прва точка на седницата на Советот закажана за 29.02.2024. Помина недела, почна седницата, на која немаше ни писмена ни усна информација. Градоначалничката ја немаше, секретар не е назначен, директорот на ЈП не дојде, сите останати присутни од градската администрација молчеа, наведува Пановски.

Тој додава дека на седницата ги предупредил одговорните во градот, а особено во ЈП „Паркови и зеленило“, дека прикривање на кривично дело за коешто претпоставува дека е кражба, е исто така кривично дело. На 29.02. Советот едногласно донесе одлука да побара од Градот и ЈП информација за клупите но Пановски од добиената покана за 45-седница на Советот закажана за 14.03.2024, со 32 точки на дневен ред видел дека информација за исчезнатите клупи нема.

Пановски наведува дека се исчезнати новите клупи кои на кејот биле прицврстени со типли и штрафови од 10 сантиметри и кои „двајца ‘рмпалии за 5 секунди ги откорнуваат и товарат на возило“.

-Клупите недостасуваат пред се на места каде има достапност со возило и не фаќаат камерите од “Калето”. Значи, како одите од стадион кон „А.Палас“ ги има се поретко. Останати се клупи блиску до стадионот и кај кајакарскиот клуб, каде што нема пристап за возило, укажува Пановски.

Претходна вестСакал со 50 евра да поткупи службеник на Блаце: Приведен 45-годишен жител на Косово
Следна вестЧЕСТИТ 8 МАРТ Биди горда што возиш безбедно!