„Паркинзи на Општина Центар“ со 110 хигиеничари ќе ја чистат и општината

Од денеска па во наредниот период општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) ќе врши и комунални услуги. Ова значи дека сите хигиеничари заедно со механизацијата ќе бидат ангажирани на одржувањето на хигиената на подрачјето на црнтралната скопска општина. ПОЦ ќе бидат задолжени за чистење на сметот, празнење на корпите за отпадоци, отстранување на сувите лисја и гранки, одржувањето на зеленилото на јавните површини, одржувањето на локалните улици, пешачките површини, чистење на снегот итн.

На последната 22 – Седница на Советот на Општина Центар советниците изгласаа префрлување на хигиеничарите во општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“. Исто така, и механизацијата е префрлена во надлежност на ова претпријатие.

-Во делот на работењето, во делот на ова преземање на хигиеничарите, разговаравме уште минатата година и тоа беше усогласено. Од 3 април се префрлаат сите хигиеничари заедно со механизацијата за кои и понатаму ќе се грижи Општината. Имаме во програма и предвидено средства во буџет. Имаме на број околу 110 хигиеничари. Ќе вложуваме и оваа година верувам и следната и ќе помагаме и ќе субвенционираме работење на ПОЦ поради тоа што и самите хигиеничари се таму и ние како општина мораме да одвојуваме средства и за нивните плати и за опремата којашто е на користење, рече градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, на седницата на Совет.

Хигиеничарите, како што рече тој, иако ќе бидат префрлени во ПОЦ финансирањето на платите ќе продолжи да се извршува од буџетот на Општината.

Претходна вестДел од возачите се надминаа во прекршоците – од 187 казнети дури 134 се за брзо возење
Следна вестПочнува судењето против Хашим Тачи, обвинет за злосторства против човештвото