Цената на парното греење во Скопје ќе се определи кога Регулаторната комисија за енергетиќа ќе добие уверување дека ќе почне монтажата на топловодните цевки на мостот „Белесица“. Ова денеска го соопшти нејзиниот претседател Марко Бислимовски кој рече дека скопјани извесно ќе имаат парно греење. Според информациите што тој ги има, нема никаков проблем меѓу ЕСМ и Град Скопје околу поставувањето на цевките. Тој тврди дека со одлуката што ќе биде донесена нема да се дозволи да има било какви ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје.
-Скопје и со постоечката инфраструктура што ја има со двете топлани, без било кој цевковод, може да се снабдува со електрична енергија и ќе нема никаков проблем во однос на тоа. Би ве замолил сите да не се шири таква фама дека Скопје би останал без топлинска енергија. Поентата на сето тоа и ние што реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем. ТЕ-ТО е важен поради тоа што ни дава топлинска енергија која е за два и пол или три пати пониска отколку цената на топланите во градот Скопје, вели Бислимоски.
Тој вели дека она на што инсистира Регулаторната комисија за енергетика е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи.
-Кога носиме одлука за цена, дали е помал цевковод или поголем, не не интересира, ние во калкулациите ќе влеземе дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60 до 70 отсто од топлинската енергија за да сочуваме ценовна стабилност. Зголемените трошоци во однос на тоа се разбира дека ќе си одат на тој кој што има проблеми да го реализира“, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на „Фајнанс тинк“.