Партиите од владината коалиција, по се изгледа, на претстојните локални избори во најголема мерка ќе настапуваат самостојно. Лидерите на партиите кои ја чинат коалицијата „Можеме“ веќе носат одлуки за самосотен настап, а сега таков настап најавувата и партиите кои ја поддржуваат Владата и го прават парламентарното мнозинство од 62 пратеници. Лидерот на ДПА Мендух Тачи вчера изјави дека ќе настапат самостојно.
-Мислам дека на следните избори ќе се докаже дека ДПА е најздравиот конкурент на ДУИ. Мислам дека ќе одиме сами, затоа што треба да докажеме колку сме политички силни. Ќе се спротивставиме на ДУИ, не на СДСМ, рече Тачи синоќа на ТВ 21.
Ваква одлука само се надоврзува на одлуките кои веќе ги носат или ги најавуваат останати партии од владеачкото мнозинство. Централниот совет на Демократскиот сојуз неодамна донесе одлука за самостоен настап на локалните избори или во коалиција со сродни политички партии за што го овласти претседателот да води соодветни преговори.
– Централниот совет на ДС ја повикува Владата да ги обезбеди сите неопходни услови за фер и демократски изборен натпревар, соопшти ДС чиј лидер Павле Трајанов во изминатиов период имаше повеќе критички изјави во однос на состојбите во државата.
Најави за самостоен настап дојдоа и од ЛДП и ДОМ кои се дел од владеачката коалиција. Лидерот на либералдемократите Горан Милевски неодамна најави самостоен настап.
– Деновиве ги сумираме размислувањата на општинските оргнизации за да видиме колку листи можеме да направиме. Мојата желба е да настапиме самостојно, бидејќи како партија мора да се промовирате кај граѓаните, изјави Милевски.
Ваква најава дојде и од Маја Морачанин, лидер на ДОМ.
-Ќе настапиме самостојно на локалните избори, со свои листи, и тоа ДОМ ја има како конгресна одлука. Ние веќе сме започнати со подготовките за избори, рече Маја Морачанин.
Очигледно, во редовите на владиното мнозинство голем дел од партиите проценуваат дека е подобар самостоен отколку здружен настап. Како сето ова ќе се одрази по тенкото владино мнозинство останува да се види.