Павел Шатев: Репресиран среде Македонија, а беше дел од Гемиџиите и животот го помина во борба за македонскиот народ

„За да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава. Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот“… Овие мисли посветени на Македонија и на македонскиот народ беа водилка на Павел Шатев, истакнат македонски револуционер, член на Гемиџиите и еден од солунските атентатори, еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија – прв министер за правосудство.

Едноставно – ГОЛЕМ МАКЕДОНЕЦ!

Негова долгодишна дејност е вградена во темелите на денешната македонска држава, но ова истакната личност доживува и трагична судбина да поради разликите со тогашното југословенско и македонско раководство да умре сам и изолиран од општеството. Но, неправдата кон него во изминативе години е отклонета и тој веќе го добива залужено место во современата македонска држава за којашто сонуваше и работеше.

Шатев е роден на денешен ден во 1882 година во Кратово каде учел основно. Во 1900 година успешно матурирал во Солунската гимназија. Како свесен Македонец им се приклучил на Гемиџиите коишто во 1903 година ги извршуваат познатите Солунски атентати со цел да се актуелизира прашањето на ослободувањето на Македонија. Шатев бил задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција била успешно извршена, при што бродот бил запален, а сите патници биле спасени.

Шатев Бил уапсен и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смртна казна. Исчекувајќи го трите години за извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно дошол во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел, каде студирал право.

Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател. Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.

По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.

По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанал на страната на советската партија. На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо му бил одземен пратеничкиот имунитет. Тогаш тој не беше испратен на озлогласениот остров Голи Оток на којшто беа испраќани ваквите затвореници, но доживеа поинаков Голи Оток. Беше прогласен за опасен информбировец, држен повеќе месеци во истражниот затвор во Скопје. Благој Аризанков, кој во тој период ја делеше ќелијата со Шатев, подоцна раскажувал дека Шатев му рекол дека го обвиниле за „продолжителна служба“ во корист на 4-оддел, односно на контраразузнавачката служба на Црвената армија“. И дека бил многу разочаран од она што го беше доживеал во Македонија.

Историчарите Виолета Ачковска и Никола Жежов во своето дело „Репресијата и репресираните“ напишаа дека во сеопштата чистка на македонските национални револуционери, а со „добар повод“ – прифаќање на резолуцијата на ИБ, на големо изненадување на јавноста, уапсен е и Павел Шатев!

-Без никакво сторено дело. Едноставно, така решил некој форум – државен или политички. Каде згрешил и зошто никој не му објаснил ниту нему ниту на поколенијата кои треба да знаат за делата, одлуките и за постапките на своите татковци. Само некаде, во тајните досиеја, било запишано дека е „потенцијален непријател“, па поради тоа треба да исчезне од јавниот живот. Во паничниот страв од репресија сите молчеле. Никој не му помогнал, иако и во највисоките врвови имало луѓе кои не се согласувале со таквиот чин“, пишуваат Ачкоска и Жежов во книгата „Репресијата и репресираните“.

Според нив, Шатев завршил трагично поради неговото инсистирање „за комплексно разрешување на македонското национално прашање и реска разграниченост меѓу национално-патриотската потреба и класно-комунистичката идеологија внатре во него. Тој бил длабоко уверен дека македонското националноослободително движење мора да остане чисто национално и самостојно, да биде надвор од идеологијата на комунистичките партии и туѓите влијанија што, од друга страна, не ја исклучувало соработката со балканските комунистички партии, особено со бугарската и со југословенската, бидејќи неговата основна преокупација била да создаде општо национално ослободително движење во сите три дела на Македонија.

-Тој немаше резервна идеологија освен македонската патриотска револуционерна дејност со чиста национална димензија. До крајот на животот остана „непартиен“ и не стана комунист, нагласуваат Ачкоска и Жежов.

Делото на Павле Шатев го проучуваше новинарот и публицист Панче Михајлов кој напиша и негова биографија. Во неа е наведено дека по затворот во Скопје Шатев во Битола бил сместен во една трошна напуштена куќа. Никој не го посетувал, освен човекот што му носел храна секој втор ден. Цело време бил сам, без огрев, на студ, во темнина, мемла и влага.

-Дење беше слободен и можеше да се движи слободно низ градот. Навечер се прибираше на спиење во УДБ-а. Според општото уверување, Шатев не беше здрав кога дојде во Битола… Во зимата 1950-1951 година престана да излегува… Научивме дека се разболел и дека го сместиле на лекување во битолската болница, во депандансот за затвореници… Се расчу дека умрел од глад…, пишува Михајлов.

Шатев почина на 30 јануари 1951 година, на оној свет замина скромно како што живееше, без никакви државни почести. На закопот на битолските гробишта присуствуваа петмина, само неговите најблиски – неговата сопруга, сестрата и уште три блиски роднини. По 55 години од неговата смрт годинава првпат официјална делегација положи цвеќе на неговиот гроб.

Претходна вестПукање во Приштина, изрешетан автомобил со македонски таблички, убиено едно лице
Следна вестПорака од протестот на граѓаните: Новиот ДУП е смрт за Лисиче