Новите намалени и замрзнати цени на 11 видови овошје и зеленчук коишто од денеска почнуваат да се применуваат на пазарите и во маркетите предизвикаа револт кај пазарџиите. Утринава кога нашата репортерска екипа го посети Зеленото пазарче во центарот на Скопје можеше да го почувствува големото незадоволство од пазарџиите од цените коишто им се определени за одделни производи. Дел од пазарџиите ни рекоа дека со такви цени сигурно ќе пропаднат и ќе мора да ги затворат тезгите бидејќи им се неиздржливи. Тие го повикуваат министерот за економија Крешник Беџети да дојде и тој да им покаже како може рентабилно да се продава по цените што ги намалил и определил.
-Нека дојде министерот тука и тој да го продава гравот под 75 денари колку што одредил. Знае ли тој воопшто како се набавува гравот и по која цена се плаќа. Никаде нема грав да се набави под 150 денари на големо. Во Тетово нема грав под 250 денари. Како тогаш ние да го продаваме по 75 денари, тоа е апсурдно, ни зборуваа пазарџиите.
На тезгите гравот што се продаваше имаше цена од 180 денари и продавачите ни рекоа дека по таа ќе го продават и покрај наредбата.
Иста беше и ситуацијата со кромидот за кој е определена максимална цена од 60 денари.
-Јас го продавам по 90 денари како и деновиве. Како да го продавам по 60 денари кога на големо го купувам по 75 денари и го нема никаде!?, ни вели една продавачка.
Дел од продавачите краставиците ги продаваа по 80 денари, а за нив е максимирана цена на 75 денари.
-На Кванташки пазар утринава краставиците на големо се продавале по 75 денари. А доматите по 85 денари а ни определија цена од 70 денари за нив. Како тогаш ние да ги продаваме. Свесно не туркаат во загуба, вака сигурно ќе пропаднеме. Тука сме за да ја продадеме производите што ги имаме купено отпорано, вели еден продавач.
Цените на портокалите и на мандарините беа во границите на определенит е- до 55 и до 60 денари, како и досега.
Друг продавач му порача на министерот за економија Бектеши да интервенира и да ги намали цените на големо на Кванташки пазар, а потоа тие ќе продаваат по пониски цени.
-Таму треба да се намалат цените оти ние таму го купуваме овошјето и зелечукот. Ако таму се големи цените не можеме ние да продаваме поевтино отколку што плаќаме. Нека ги види фактурите тами и нека гинамали цените, ако може. Не може така да се намалуваат цените. Зошто не ја намали цената на бензионот кога рипна и до 120 денари туку ја остави слободна?, револтирано прашува еден продавач.